НАМЕСТО КРАТЕЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА Зафировски бара 4-дневна работна недела и 6-часовно работно време
Лидерот Горан Зафировски најави предлог за дополнително унапредување на работничките права, а партијата бара и 2 Мај да биде неработен ден.

Работничката партија реагира на најавите на Стопанската комора за можни измени што би значеле скратување на празниците и годишниот одмор на работниците, оценувајќи дека наместо ограничување на стекнатите права, потребно е нивно унапредување.
На денешната прес-конференција, лидерот на партијата, Горан Зафировски, ги претстави предлозите на Работничката партија, меѓу кои се воведување четиридневна работна недела и шестчасовно работно време.
Партијата смета дека работниците треба да добијат повеќе слободно време и подобри услови за работа, наместо да се разговара за намалување на празниците и времето предвидено за годишен одмор.
Дополнително, Работничката партија предлага 2 Мај да биде неработен ден, со што и вториот ден од празнувањето на Меѓународниот ден на трудот би бил посветен на одморот на работниците.
Со овие предлози, партијата отвора прашање за насоката во која треба да се движат политиките за трудот – дали кон намалување на постојните права или кон воведување пократко работно време и поголема заштита на работниците.
Работничката партија најавува дека нејзиниот фокус останува на подобрување на положбата на работниците и унапредување на нивните права.

