АВИОНСКИ БУМ „Аволон“ купува 250 авиони од „Боинг“ и „Ербас“, може да нарача уште 100

Ирскиот гигант ја склучи најголемата поединечна нарачка досега, со која бројот на нарачани летала ќе достигне 749.

АВИОНСКИ БУМ „Аволон“ купува 250 авиони од „Боинг“ и „Ербас“, може да нарача уште 100
Фото: Принтскрин

Ирската компанија „Аволон“, еден од најголемите светски изнајмувачи на авиони, постигна договор за набавка на 250 нови летала од американскиот производител „Боинг“ и европскиот „Ербас“, со опција за дополнителна набавка на уште 100 авиони.

Според договорот објавен во петокот, „Аволон“ планира да купи 140 авиони „Боинг 737 МАКС“ и 110 летала од семејството „Ербас“. Од нив, 75 ќе бидат од моделот А320нео, додека преостанатите 35 ќе бидат поголеми авиони А330нео, наменети за долги релации.

Станува збор за најголемата поединечна нарачка што „Аволон“ досега ја направила кај двата производители. По реализацијата на договорот, вкупниот број нарачани авиони на компанијата ќе се искачи на 749, покрај постојната флота од 561 летало.

Компанијата со седиште во Даблин е трет најголем изнајмувач на авиони во светот. Нејзиниот деловен модел се заснова на купување авиони од производителите и нивно изнајмување на авиокомпании, кои на тој начин можат да ги прошират своите флоти без да ги сносат целосните трошоци за директна набавка на леталата.

Побарувачката за нови авиони останува висока, особено за моделите што трошат помалку гориво. Истовремено, големиот број нарачки и долгите рокови за испорака кај производителите ја зголемуваат потребата на авиокомпаниите од изнајмување летала.

Во третиот квартал од 2026 година, „Аволон“ продала 29 авиони, а до крајот на септември договорила продажба на дополнителни 112 летала.

Новиот договор треба да добие одобрение од мнозинскиот акционер на компанијата, кинеската „Бохаи лизинг“. Одлуката се очекува до крајот на октомври.

CATEGORIES
Share This