РУСКИ РАКЕТЕН БРАН ВРЗ КИЕВ Погодена и литванската амбасада, деветмина загинати
Русија лансирала 35 ракети и 185 дронови, а Зеленски предупреди дека Украина има сериозен недостиг од ракети за системите „Патриот“.

Руските сили во текот на ноќта меѓу петокот и саботата извршија масовен воздушен напад врз Украина, при што кон земјата биле лансирани 35 ракети, од кои 27 балистички, како и 185 ударни дронови од различни типови. Главната цел на нападот бил Киев, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Покрај главниот град, напади биле регистрирани и во регионите Дњепропетровск, Суми, Харков и Полтава.
Според Зеленски, во Киев се погодени седум градски области. Оштетени се 18 станбени згради, училиште, инфраструктурни објекти, како и зградата на амбасадата на Литванија, земја членка на НАТО. Во нападот, според последните податоци, загинале девет лица, а најмалку 30 се повредени, меѓу кои и четири деца. Украинските служби за итни случаи продолжуваат со расчистување на теренот и отстранување на последиците од нападот во Киев и околината.
Зеленски изјави дека украинската противвоздушна одбрана успеала да собори само една од балистичките ракети. Како главна причина тој го посочи недостигот од пресретнувачки ракети за системите „Патриот“. Според украинскиот претседател, недостигот од антибалистичка муниција ја охрабрува Русија да продолжи со воздушните напади.
Зеленски повторно ги повика меѓународните партнери да испратат дополнителна помош за зајакнување на украинската воздушна одбрана, нагласувајќи дека секој нов пакет пресретнувачки ракети може да придонесе за спасување човечки животи. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека 17 повредени лица биле пренесени во болници. Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопшти дека спасувачките екипи евакуирале 105 лица од оштетените објекти.
Пожари избувнале во најмалку пет делови од Киев, а причинета е значителна материјална штета. Погодени биле станбени згради, магацини, пералница за автомобили, паркинг и други инфраструктурни објекти. Во населбата Соломјан, остатоци од ракета погодиле петкатна зграда, при што избувнал пожар во дворот, што дополнително ги отежнало спасувачките операции.
Најтешка била состојбата во киевската населба Дарница. Според Државната служба за вонредни ситуации, таму загинале седум лица, а 14 биле повредени, меѓу кои и две деца. Пожарот зафатил повеќе административни и деловни објекти, а биле оштетени и станбени згради. Во нападот биле уништени и голем број автомобили. Спасувачките екипи продолжуваат со работа на повеќе локации во Киев, додека украинските власти ги проценуваат вкупните последици од ноќниот напад.

