РЕВИЗИЈАТА ОТКРИ: 23 милиони евра делени нерамномерно, договори на само три дена
И покрај претходните предупредувања, АВРСМ повторно под лупа: ревизорите открија фаворизирани градови, милионски исплати со слаб ефект и серија нерегуларности.

Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРСМ) за 2024 година. Ревизорскиот извештај покажува дека, и покрај препораките дадени по ревизијата за 2023 година, институцијата речиси воопшто не ги отстранила констатираните недостатоци.
Од вкупно осум препораки дадени лани, три воопшто не се реализирани, три се само делумно исполнети, а две сè уште се во тек. Според ревизорите, ова укажува на недоволна ефикасност во спроведувањето на мерките за подобрување на работењето.
Меѓу најзначајните наоди се нерамномерната распределба на повеќе од 23 милиони евра за активните мерки за вработување, фаворизирањето на одредени градови, договори за работа склучувани на само три дена, продолжување на договори над законски дозволениот рок, слаби контроли при трошењето на јавните средства, неправилности во јавните набавки, како и нерешен статус на дел од државниот имот.
Над 23 милиони евра концентрирани во неколку градови
Во текот на 2024 година преку Агенцијата биле исплатени 1,442 милијарди денари, односно околу 23,4 милиони евра за активни мерки за вработување, што е за повеќе од 16 проценти повеќе во споредба со претходната година. Сепак, ревизорите утврдиле дека средствата не биле распределени рамномерно меѓу сите плански региони.
Кај мерката „Самовработување“, дури 62,05 проценти од средствата биле реализирани преку само пет центри за вработување – Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Гостивар. Кај мерката „Субвенционирање на плати“, повеќе од половина од сите одобрени апликации се концентрирани во Скопје, Струга, Тетово и Куманово, додека кај мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ речиси две третини од средствата завршиле во Тетово, Скопје, Струга, Куманово и Пробиштип.
Ревизорите оценуваат дека новата методологија за распределба на неискористените средства не го решила проблемот со фаворизирањето на одделни региони. Во западниот дел од земјата и во Скопскиот плански регион предвидените квоти биле надминати и до четири пати, додека источниот и централниот регион добиле значително помала финансиска поддршка.
Еден адвокат реализирал 77 проценти од услугите
Неправилности се констатирани и кај адвокатските услуги. Во 2024 година Агенцијата исплатила 5,7 милиони денари за адвокатски услуги, медијации, судски такси и вештачења. Од вкупната вредност, дури 77,46 проценти биле реализирани преку еден адвокат. Ревизорите утврдиле дека дел од исплатите биле направени без целосна документација, за вештачења во вредност од 881 илјада денари не била спроведена постапка за јавна набавка, а за услуги вредни 740 илјади денари немало докази дека навистина биле извршени.
Дополнително, дел од ангажираните адвокатски услуги се однесувале на административни работи што можеле да ги извршуваат вработените во Агенцијата доколку институцијата располагала со доволен број кадар.
Само секој четврти кандидат ја положил ИТ-обуката
Ревизијата нотира слаб ефект и од програмата за напредни ИТ-вештини, за која биле потрошени 85,8 милиони денари или околу 1,39 милиони евра. Од вкупно 735 кандидати што посетувале обука, само 184 успешно го положиле завршниот испит, што значи дека успешноста изнесува само 25 проценти.
Неправилности и кај практикантството
Ревизорите откриле бројни недостатоци и во мерката „Практикантство“. Констатирани се неусогласености со Законот за практикантство и Оперативниот план, меѓу кои несоодветно утврдена старосна граница, недоволни теренски контроли, нецелосна документација, исплати што не ги следеле законските ограничувања и повторно нерамномерна распределба на средствата меѓу регионите.
Договори за работа склучувани на само три дена
Значителни забелешки има и во исплатата на паричниот надоместок за невработеност. Во текот на 2024 година биле исплатени 1,327 милијарди денари, односно околу 21,5 милиони евра, што претставува зголемување од 27 проценти во однос на претходната година. Ревизорите утврдиле некомплетна документација, недоволна електронска размена на податоци со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и отстапувања при пресметката на надоместоците.
Особено загрижувачки се случаите со договорите за работа. Дури 67,9 проценти од исплатените надоместоци се однесуваат на лица на кои им престанал договорот на определено време. Притоа биле евидентирани договори склучувани на само три дена, договори продолжувани подолго од законски дозволениот максимум од пет години, како и повторно вработување кај истиот работодавач веднаш по искористување на правото на паричен надоместок. Според ревизорите, овие случаи укажуваат на потреба од многу посилни механизми за контрола.
Нерешен имот и ризик од дополнителни трошоци
Извештајот укажува и на слабости во управувањето со имотот на институцијата. Не е воспоставена соодветна материјална евиденција за залихите, пописот не бил спроведен согласно законските прописи, а правниот статус на три објекти што ги користи Агенцијата сè уште не е регулиран. Ревизорите повторно предупредуваат дека Посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност не ги добива сите средства што законски му следуваат, бидејќи од Буџетот не се префрлаат средствата по основ на ДДВ и царини што ги плаќаат заштитните друштва.
Дополнително, тековните судски спорови во кои Агенцијата се јавува како тужител или тужена страна можат да создадат нови финансиски обврски во иднина. Во извештајот се наведува и дека законските правила за стекнување право на паричен надоместок не се доволно прецизни, што доведува до различно постапување во слични случаи, правна несигурност, нееднаков третман на осигурениците и зголемен број жалби и судски постапки.
На забелешките што Агенцијата ги доставила по Нацрт-извештајот, ревизорите одговориле дека најголемиот дел не биле прифатени, бидејќи не биле приложени дополнителни докази што би ги оспориле утврдените наоди.


