ФИЛИПЧЕ ДОБИ ОДГОВОР ОД СЛАВЈАНКА, ПЕТРОВ, ШЕМА Ние сме за Македонија, не нè интересираат фотелји

Платформата 12.05 одби неформални покани и порача дека СДСМ мора да се врати кај членството.

ФИЛИПЧЕ ДОБИ ОДГОВОР ОД СЛАВЈАНКА, ПЕТРОВ, ШЕМА Ние сме за Македонија, не нè интересираат фотелји
Фото: Принтскрин

Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината 12.05“ порачаа дека нема да одговараат на покани за средба со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, доколку во нив нема датум, време и место, оценувајќи дека таквите покани се несериозни. Од Платформата велат дека немаат намера да преговараат за партиски функции со луѓето кои, според нив, ги создале проблемите во СДСМ.

„Ние подолг период дебатираме со искрени членови и поддржувачи кои посакуваат силна опозиција. Но немаме намера да преговараме со оние што ги создадоа проблемите. Бадијала се испраќаат луѓе кои ни нудат високи партиски функции“, велат од иницијативата.

Тие бараат структурни реформи со кои партијата ќе се врати на членството, ќе воспостави нов вредносен систем и ќе создаде потенцијал за обединување на прогресивната опозиција против власта. Од Платформата дополнително оценуваат дека актуелното раководство на СДСМ „живее во виртуелен свет“ и тврдат дека Филипче бил навреме информиран за нивниот план за „санација на СДСМ“.

Реакцијата доаѓа откако Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука јавно да ги повика сите поединци и групи што имаат забелешки или предлози за работата на партијата на внатрешна дебата.

„Секоја дебата што се однесува на СДСМ треба да се води во партијата, пред органите и телата, а не надвор од неа. Вратите на СДСМ се отворени за секој што ѝ мисли добро на партијата“, соопштија од Извршниот одбор.

„Разговори за иднината 12.05“ беше промовирана на 1 јули и во неа учествуваат универзитетски професори, адвокати, граѓански активисти, лекари, поранешни функционери на СДСМ и актуелни пратеници.

Меѓу најпознатите имиња се Славјанка Петровска, Андреј Петров, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ и Сашко Митовски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, претходно изјави дека платформата претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што рече, „тоталниот дебакл на власта“, оценувајќи дека наместо да се зборува за проблемите на Владата, вниманието повторно се насочува кон СДСМ.

Превирањата околу „Платформата 12.05“ започнаа уште при нејзиното формирање, кога Филипче оцени дека станува збор за „проект на ВМРО-ДПМНЕ“ и најави дека партиските органи ќе расправаат за учеството на пратеничката Славјанка Петровска.

CATEGORIES
TAGS
Share This