РАСТ НА ПЛАТИ ВО НЕКОИ СЕКТОРИ, ПАД ВО ДРУГИ – 46.159 денари просек
Раст од 7,2% на годишно ниво, но нерамномерно распределен по сектори.

Просечната нето-плата во Македонија во февруари достигна 46.159 денари, што претставува раст од 7,2% на годишно ниво. Сепак, зад овој просек стојат значителни разлики меѓу секторите додека некои бележат силен раст, други се соочуваат со пад.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната бруто-плата во февруари 2026 година изнесувала 69.371 денар, што е зголемување од 7,3% во споредба со истиот период лани.
Растот на платите најмногу се должи на зголемувањата во секторите административни и помошни услужни дејности (12,3% нето / 12,5% бруто), рударство и вадење камен (10,6% нето / 10,2% бруто), како и снабдување со вода и управување со отпад (9,4% нето / 9,5% бруто).
Од друга страна, на месечно ниво е забележан пад на платите во неколку сектори. Земјоделството, шумарството и рибарството бележат намалување од 5,7% кај нето-платите (4,8% кај бруто), додека во другите услужни дејности падот изнесува околу 5%. Секторот уметност, забава и рекреација исто така бележи намалување од 4,6% кај нето-платите и 4,7% кај бруто-платите, а транспортот и складирањето пад од 3,6% кај бруто-платите.
Овие податоци покажуваат дека, иако просечната плата расте, економските придобивки не се распределени рамномерно низ сите дејности.
