УЈП СО ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ – Рокот истекува, илјадници фирми сè уште не поднеле ДДВ пријава
Само една третина од обврзниците досега поднеле ДДВ-04 пријави.

Управата за јавни приходи ги информира сите даночни обврзници кои имаат обврска за поднесување на ДДВ-04 пријава дека крајниот рок за доставување на пријавите за периодите 01.01.2026 – 31.03.2026 и 01.03.2026 – 31.03.2026 година е продолжен до 27 април 2026 година (понеделник), поради тоа што 25 април е неработен ден.
Според последните податоци, досега се поднесени 13.934 од вкупно очекувани 42.605 пријави, односно 32,71% од вкупниот број на месечни и тримесечни ДДВ-04 пријави.
Од УЈП апелираат до обврзниците навремено да ја исполнат својата законска обврска и да ги достават потребните документи до сметководителите, со цел точна и ефикасна обработка на пријавите.
Навременото поднесување овозможува избегнување на казни и камати, подобро финансиско планирање и поголема предвидливост во деловните процеси. Воедно, тоа придонесува за побрза обработка на пријавите и намалување на административниот товар.
За дополнителни информации или стручна помош, даночните обврзници можат да се обратат на е-пошта: info@ujp.gov.mk, бесплатна линија 0800 33 000 и телефон од мобилен 02 3253 200
Управата за јавни приходи останува достапна за поддршка и обезбедување навремени и точни информации за успешно исполнување на даночните обврски.
