РАСТ НА ИНДУСТРИЈАТА, ПАД НА ДОЛГОТ Мицкоски откри што се случува со економијата

Индустриското производство во јуни пораснало за 6,5 отсто, а државниот и јавниот долг се намалиле во вториот квартал.

РАСТ НА ИНДУСТРИЈАТА, ПАД НА ДОЛГОТ Мицкоски откри што се случува со економијата
Фото: Принтскрин

Индустриското производство во јуни годинава е зголемено за 6,5 отсто, додека растот во вториот квартал достигнува 4 проценти, информира премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика. Мицкоски посочи дека позитивните економски показатели се проследени и со намалување на државниот и јавниот долг во вториот квартал од годината.

Според него, државниот долг е намален за нешто повеќе од 40 милиони евра, а јавниот долг за повеќе од 20 милиони евра. Премиерот оцени дека нивото на државниот долг сега е меѓу најниските по периодот на пандемијата со коронавирусот.

„Имаме намалување и на државниот и на јавниот долг во вториот квартал. Сега сме, посебно кај државниот долг, на ниво кое, би рекол, е најниско по периодот на короната“, изјави Мицкоски.

Премиерот смета дека ваквите резултати се показател за ефектите од работата на Владата во изминатите две години.

„Индикаторите од две години напорна работа полека, но сигурно стануваат видливи, успесите доаѓаат и добрите времиња се пред нас“, истакна тој.

Мицкоски оцени дека растот на индустријата и намалувањето на задолженоста претставуваат позитивни сигнали за економијата и граѓаните, додавајќи дека Владата ќе продолжи со истата политика и во наредниот период.

Воедно, премиерот ја обвини опозицијата дека создава негативна слика за состојбите во земјата и дека, според него, шири непотребна „хистерија“ во јавноста. Мицкоски упати и остри критики кон претходната власт, оценувајќи дека проблемите со кои се соочува државата се последица на седумгодишното управување на СДСМ и ДУИ.

CATEGORIES
Share This