СТРУКАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАМОЛКУВА „И здравје и работа“ со жестока реакција за нападите врз професори и инженери
Иницијативата тврди дека експерти се изложени на лични дисквалификации затоа што нивните ставови не се совпаѓаат со оние на дел од активистите.

Локалната иницијатива „И здравје и работа“ остро реагира на, како што наведува, сè почестите јавни напади и обиди за дискредитација на универзитетски професори, геолози, рударски инженери и други стручни лица кои во јавноста ги презентираат научните факти и современите технолошки решенија што се применуваат во современото рударство.
Од иницијативата велат дека во изминатиот период се забележуваат организирани обиди од мала група луѓе за нарушување на кредибилитетот на професионалци кои, како што посочуваат, целиот свој работен век го посветиле на науката, истражувањето, инженерството и образованието. Наместо аргументирана расправа за сложените прашања поврзани со рударството, според „И здравје и работа“, дел од експертите се изложени на лични дисквалификации и неосновани обвинувања, само затоа што нивните ставови не се совпаѓаат со ставовите на одредени активисти.
„Никој нема монопол врз јавната дебата и секој има право на свое мислење. Но, кога се дискутира за сложени инженерски, геолошки и технолошки прашања, државата мора да ги слуша оние кои имаат соодветно образование, долгогодишно искуство и професионална одговорност“, се наведува во реакцијата.
Од иницијативата додаваат дека техничките процеси, современите технологии и нивното потенцијално влијание врз животната средина треба да се оценуваат преку стручни анализи, научни докази и институционални процедури, а не преку јавни притисоци и лични напади. Според нив, обидите за поткопување на кредибилитетот на професори, научници и инженери не придонесуваат за заштита на јавниот интерес, туку можат да ја намалат довербата во науката, институциите и експертското знаење. Од „И здравје и работа“ нагласуваат дека иднината на државата не треба да се гради врз стравови, шпекулации и политички притисоци, туку врз факти, законски процедури и независни стручни проценки.
„Само така можат истовремено да се заштитат природата, здравјето на граѓаните и економскиот развој“, посочуваат од иницијативата.
Тие предупредуваат дека би било поразително стратешките одлуки за државата да зависат од јавен притисок наместо од научни сознанија, експертски анализи и оценките на надлежните институции за исполнетоста на законските и еколошките стандарди. Од иницијативата упатуваат апел до Владата и надлежните институции да продолжат да носат одлуки врз основа на законите, научните докази и стручните мислења.
„Македонија има потреба од силни институции кои ќе ги почитуваат знаењето и струката, а не од општество во кое научниот глас се замолчува со дискредитации“, се наведува во реакцијата

