ПРАКТИЧНО ИМАМЕ НОВ АЕРОДРОМ По 56 години, охридскиот „Свети апостол Павле“ доби нов лик

Реконструираниот терминал е збогатен со охридски мозаици, мотиви од Варош и Плаошник и реплики на фрески од „Света Софија“.

ПРАКТИЧНО ИМАМЕ НОВ АЕРОДРОМ По 56 години, охридскиот „Свети апостол Павле“ доби нов лик
Фото: Принтскрин

Денеска свечено беше пуштен во употреба реконструираниот аеродром, чија обнова започна во март годинава со цел унапредување на условите и подобрување на искуството за патниците.

На свеченото отворање, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека со завршувањето на реконструкцијата, Охрид практично добива нов аеродром, со целосно обновена терминална зграда и помошни простории.

„Практично имаме нов аеродром“, истакна Николоски.

Тој посочува дека инвестицијата е значаен чекор за развојот на охридскиот регион и воздушниот сообраќај.

Во исто време, охридскиот аеродром бележи рекордна година. Од почетокот на 2026 година досега, низ аеродромот поминале повеќе од 240 илјади патници, а очекувањата се дека вкупниот број патници на двата македонски аеродроми годинава ќе достигне околу четири милиони.

Посебен акцент при реконструкцијата е ставен на препознатливиот охридски идентитет. Во внатрешноста на терминалната зграда се поставени реплики на мозаици од стариот дел на Охрид, мотиви од Варош и Плаошник, како и реплики на фрески од катедралната црква „Света Софија“. На тој начин, дел од богатото културно наследство на градот е вградено во современиот изглед на аеродромот.

Николоски посочи дека паралелно со реконструкцијата на аеродромот се реализираат и инфраструктурни проекти во регионот, со цел да се создаде функционална целина и подобра поврзаност.

Тој нагласи дека од Охрид до аеродромот веќе може да се стигне по новиот автопат, а најави и отворање на преостанатата, најтешка делница во наредните месеци.

Според Николоски, очекувањата се целиот автопат да биде пуштен во употреба во текот на првото полугодие од следната година.

CATEGORIES
Share This