КОЈ ЌЕ ГО СПАСИ ГРОЗЈЕТО ПРЕД ДА БИДЕ ДОЦНА Лозарите бараат итен откуп, родот скапува

Винарниците не го преземаат родот, вранецот останува на лозјата, а производителите бараат интервентен откуп и дополнителна субвенција.

КОЈ ЌЕ ГО СПАСИ ГРОЗЈЕТО ПРЕД ДА БИДЕ ДОЦНА Лозарите бараат итен откуп, родот скапува
Фото: Принтскрин

Наместо овие денови лозарите да ги полнат откупните пунктови со грозје, голем дел од родот сè уште стои по лозовите насади. Грозјето презрева и почнува да скапува, а производителите стравуваат дека трудот и вложувањата од целата година ќе им пропаднат.

Според лозарите, дури 90 отсто од грозјето сè уште не е обрано. Откупот се одвива во значително помал обем од очекуваниот, а дел од винарниците не го преземаат родот. За производителите секој ден носи нов ризик и грозјето ја губи вредноста, а со тоа се намалува и можноста да ги покријат трошоците за производство.

На терен расте револтот. Лозарите велат дека во текот на целата година вложувале во обработка на лозјата, препарати и работна сила, а сега се соочуваат со неизвесност околу тоа каде и кому да го продадат родот. Дел од нив размислуваат грозјето да го преработат во ракија, само за да не останат без никаков приход.

Најголем проблем, според производителите, има со сортата вранец. Интересот од страна на винарниците е недоволен, поради што големи количества од ова грозје остануваат необрани на нивите.

„Бараме итна реакција од институциите и конкретни мерки со кои ќе се овозможи откуп и ќе се спречи да пропадне родот. Вранецот и оваа година не се откупува и стои да скапува на нивите. Наместо мерки од интерес на лозарите, интервентен откуп на грозјето и дополнителна субвенција, власта е фокусирана на забава“ обвинуваат лозарите.

Производителите велат дека проблемот не е од вчера. Според нив, со години се соочуваат со ниски откупни цени, ограничен пласман и недоволна конкуренција, а државата досега не успеала да понуди трајно решение.

„Педесет години е иста цената и досега никој не успеал да ја промени состојбата. Поради тоа, лозарите ги продаваат лозовите насади и си заминуваат од државата. Бараме интервентен откуп, дополнителна субвенција и конкретен план за спас на годинашниот род. Не може повеќе да чекаме бидејќи грозјето скапува“ велат лозарите.

Од Владата, пак, уверуваат дека се преземаат мерки за олеснување на откупот и за обезбедување средства за винарниците. Владата на следната седница ќе ја измени одлуката за условите за користење на средствата од компензациските фондови. Целта е винарниците полесно да дојдат до средства за откуп на винското грозје и лозарите да бидат исплатени навреме.

Станува збор за кредитна линија преку Развојната банка во вредност од 793,48 милиони денари. Од нив, 553,48 милиони денари, односно околу девет милиони евра, се наменети за откуп на вранецот.

Со измените, грејс-периодот за користење на средствата ќе биде продолжен од три на 18 месеци, по што ќе следуваат дополнителни 18 месеци за отплата. Каматната стапка ќе биде фиксна и ќе изнесува еден процент, а како обезбедување ќе може да се користи и произведеното вино.

Се најавува и олеснување на условите за добивање субвенции. Поради отежнатиот пласман и неповолните временски услови, ќе се предложи укинување на условот земјоделците да имаат продадено или предадено најмалку 30 проценти од производството за да го остварат правото на финансиска поддршка.

Лозарите, сепак, остануваат скептични. За нив клучно е не само дали мерките ќе бидат донесени, туку и дали ќе стапат во сила навреме, пред родот да остане необран и да биде целосно уништен. Тие велат дека ситуацијата веќе не е само проблем за една сезона. Тие стравуваат дека доколку продолжи неизвесноста околу откупот и пласманот, лозарството може да стане економски неисплатливо.

Без сигурен пазар, со ниски откупни цени и зголемени производствени трошоци, сè повеќе производители размислуваат да ги напуштат лозовите насади. Дел од нив веќе ги продаваат или ги напуштаат лозјата, бидејќи не гледаат економска оправданост да продолжат со производство во услови во кои на крајот немаат сигурен купувач.

Затоа, за лозарите ова не е само битка за годинашниот род, туку и за иднината на целата гранка. Додека институциите најавуваат мерки, а винарниците треба да го зголемат откупот, грозјето останува на лозовите насади и времето истекува.

Прашањето што сега бара итен одговор е едноставно: кој ќе го откупи грозјето пред да биде предоцна?

CATEGORIES
Share This