ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ВО САД Ивановски на голема меѓународна конференција за борба против криминалот

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, заедно со директорите на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност, учествува на конференцијата IACP 2026 во Орландо, каде во фокусот се новите технологии, координираните истраги и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ВО САД Ивановски на голема меѓународна конференција за борба против криминалот
Фото: Принтскрин

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, учествува на Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP 2026), која се одржува во Орландо, Флорида, заедно со директорите на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност.

Учеството е на официјална покана на ICITAP, меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги, која функционира во рамките на Кривичниот оддел на Министерството за правда на САД.

На конференцијата е нагласена важноста на меѓународната соработка, размената на информации и јакнењето на капацитетите на безбедносните институции. Од Управата за финансиска полиција оценуваат дека особено значајна е презентацијата на современи технологии и иновативни алатки за откривање и сузбивање на финансискиот и другите облици на криминал.

Според институцијата, примената на новите решенија може да придонесе за поефикасни предистражни постапки, како и за подобра координација со меѓународните партнери во истрагите поврзани со организираниот криминал и корупцијата.

Од Управата посочуваат дека конференцијата е можност за размена на искуства и запознавање со меѓународните практики, со цел унапредување на работата на институциите и зајакнување на соработката со странските безбедносни служби.

Примената на современи методи и доследното спроведување на законите, како што нагласуваат, се клучни за поефикасна борба против криминалот, заштита на безбедноста и зачувување на националните интереси.

CATEGORIES
Share This