ПОМАЛКУ МЕСТА НА ФАКУЛТЕТИТЕ Еве кои струки ги „сече“ МОН, а каде работниците недостигаат
Околу 2.000 места се намалени во новите уписни квоти, а најголемите кратења се кај струките каде што има повеќе невработени, додека техничките науки и информатиката остануваат со речиси исти квоти.

На претстојните уписи на универзитетите, бројот на слободни места за студентите ќе биде намален за околу 2.000. Причината е усогласување на уписните квоти со потребите на пазарот на труд, каде што кај одредени професии има вишок кадар, додека кај други недостасуваат работници.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за МИА вели дека најголемо намалување има кај студиските програми поврзани со бизнис и јавна администрација, како и на дел од економските и правните факултети.
„Повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидејќи таму се појавува поголем број на невработени, во медицинските струки“, изјави Јаневска.
За разлика од нив, квотите кај техничките науки, информатиката, машинството и градежништвото остануваат речиси непроменети. Според министерката, токму кај овие професии вработливоста е исклучително висока и достигнува меѓу 98 и 99 проценти.
Јаневска очекува сите студенти да успеат да го најдат своето место на факултетите каде што сакаат да студираат.
Се очекува деблокада на законите за високо образование
Министерката очекува кон крајот на август да продолжи собраниската расправа за трите закони од областа на високото образование и науката. Законите во моментов се блокирани од албанскиот опозициски блок, кој бара нивното носење да биде под Бадентеров принцип. Јаневска се надева дека политичките несогласувања нема да го одложат донесувањето на законите.
„Сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања“, вели таа, додавајќи дека земјата веќе доцни и нема време за дополнителни политички расправи околу прашања што се важни за младите.
„Стив Наумов“ и „Кузман“ повторно ги отвораат вратите
Новата академска година ќе донесе и промени во студентското домување. Првите два целосно реконструирани студентски дома – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ – повторно ќе примаат студенти. Сместувањето во „Стив Наумов“ ќе започне од 1 октомври, а домот веќе е опфатен со конкурсот. „Кузман Јосифовски-Питу“ се очекува да биде отворен околу 1 ноември, а за него дополнително ќе биде објавен конкурс.
Потоа ќе продолжи втората и третата фаза од реконструкцијата на студентските домови низ земјата. Со реконструкцијата ќе се промени и цената на сместувањето. Во „Стив Наумов“ месечната партиципација од досегашните 3.500 денари ќе се зголеми на речиси 6.000 денари.
Јаневска вели дека државата и понатаму ќе учествува со поголем дел од трошоците, но смета дека досегашниот модел е финансиски неодржлив. Таа посочува дека и Државниот завод за ревизија побарал повторно да се разгледа учеството на студентите и државата во трошоците.
Учебниците ќе бидат обезбедени за новата учебна година
Според министерката, дистрибуцијата на учебниците во училиштата е при крај и за учебната 2026/2027 година не се очекува недостиг. Јаневска посочува дека училиштата кои навреме не пријавиле доволно количество учебници ќе мора самите да го обезбедат потребниот број, бидејќи Министерството испорачува според доставените нарачки.
Над 4.000 првачиња помалку, но бројката не е конечна
Бројот на запишани првачиња во моментов е за повеќе од 4.000 помал во споредба со минатата година. Сепак, Јаневска вели дека оваа бројка не е конечна и се очекува да се намали до крајот на септември. Како главни причини таа ги посочува неажурноста на дел од родителите, кои сè уште не ги запишале децата, но и училиштата кои не ги внеле сите податоци во Е-дневникот.
Иако роковите за упис веќе истекле, искуството од претходните години покажува дека дел од децата се запишуваат кон крајот на август. Затоа, се очекува дополнителниот упис да започне за околу десетина дена и да продолжи до крајот на септември.

