ОД БЕРЛИН ДО ЕВРОПСКИТЕ ФИЛМСКИ НАГРАДИ Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ номиниран за престижно признание

Македонскиот дебитантски филм влезе во конкуренција за наградата „Европско откритие – ФИПРЕСЦИ“, по успешното претставување на фестивалите во Берлин, Ерусалим и Сараево.

ОД БЕРЛИН ДО ЕВРОПСКИТЕ ФИЛМСКИ НАГРАДИ Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ номиниран за престижно признание
Фото: Принтскрин

Македонскиот филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, е номиниран за едно од значајните признанија во европската кинематографија – наградата „Европско откритие ФИПРЕСЦИ“, во рамки на 39. издание на Европските филмски награди.

Номинацијата претставува ново меѓународно признание за македонската продукција, откако филмот претходно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, освои награда на Филмскиот фестивал во Ерусалим и беше дел од програмата на Сараево филм фестивал. Неодамна ја имаше и својата скопска премиера во рамки на Скопје филм фестивал.

Наградата „Европско откритие“, која се доделува во соработка со Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ), има за цел да ги афирмира новите авторски гласови и таленти во европската кинематографија.

Во следниот период „17“ ќе биде претставен пред членовите на Европската филмска академија преку специјални проекции и презентации во повеќе европски културни центри. Гласањето за наградите ќе се одвива од 14 декември 2026 до 7 јануари 2027 година, а победниците ќе бидат прогласени на свечената церемонија на 16 јануари 2027 година во Атина.

„17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк. Сценариото го потпишуваат режисерката Косара Митиќ и хрватскиот сценарист Огњен Свиличиќ. Продуцент е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со српската „Арт&Попкорн“ и словенечката „Децембер“.

Европските филмски награди се доделуваат од 1988 година и претставуваат едно од најзначајните признанија во европската филмска индустрија. Добитниците ги избираат членовите на Европската филмска академија.

CATEGORIES
Share This