ЈАНЕВСКА НАЈАВИ ЗАТВОРАЊЕ НА УШТЕ 20 УЧИЛИШТА Не смеат децата да живеат затворени во одредени средини

Родителите се противат на затворањето, но Министерството останува на ставот дека учениците треба да учат во поголеми групи.

ЈАНЕВСКА НАЈАВИ ЗАТВОРАЊЕ НА УШТЕ 20 УЧИЛИШТА Не смеат децата да живеат затворени во одредени средини
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ја брани одлуката за затворање на дел од подрачните училишта, и покрај противењето на родителите во некои од засегнатите места. Јаневска објаснува дека станува збор за процес на оптимизација и социјализација на учениците, со цел да се обезбеди поквалитетно образование. Според неа, има училишта и одделенија во кои наставата се одвива со само едно или неколку деца, што не овозможува доволно социјализација, позитивно натпреварување и поттикнување на знаењето.

„Имаме случаи на пет деца во пет различни одделенија. Тоа не е образование, ниту социјализација, тоа не е стимулација на знаење и натпреварување во позитивни вештини“, вели Јаневска.

Таа посочи дека во 2021 и 2022 година биле спонтано затворени околу 20 училишта, додека оваа година се очекува повторно да бидат затворени околу 20 подрачни училишта. Најголем дел од нив имаат помалку од пет ученици, но меѓу засегнатите има и училишта со седум или осум ученици.

Министерката смета дека кратките растојанија до централните училишта не треба да претставуваат сериозна пречка за учениците. Како пример го посочи фактот дека во големите градови учениците секојдневно патуваат до училиштата.

„Мора да работат и да се среќаваат со големи групи, не смеат да живеат затворени во одредени средини“, нагласи Јаневска.

Осврнувајќи се на намалувањето на бројот на ученици, министерката оцени дека главната причина е падот на бројот на новородени, а помалку иселувањето. Таа не смета дека иселувањето значително се зголемило, туку дека неговиот интензитет се менува во различни периоди.

Во однос на учебниците, Јаневска уверува дека учениците новата учебна година ќе ја започнат со обезбедени учебници и дека најголем дел од нивната дистрибуција веќе е завршена.

Говорејќи за вештачката интелигенција, министерката посочи дека нејзините придобивки и ризици се предмет на глобална дебата. Таа нагласи дека целта на Министерството е воведувањето на вештачката интелигенција во образовниот процес да биде насочено кон подобрување на наставата и учењето.

CATEGORIES
Share This