НИЕ ВО ЗНАМ СМЕ ОДГОВОРНИ ДОМАЌИНИ ЗА МАКЕДОНИЈА Максо порача дека СДСМ се никакви без визија, па над 30 нивни членови му дојдоа на гости
Од ЗНАМ велат дека сè повеќе граѓани ја препознаваат нивната политика, додека СДСМ се соочува со губење на довербата.

Повеќе од 30 членови на Општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров ја напуштиле партијата и преминале во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, информираа од ЗНАМ, претставувајќи го овој потег како нов показател за зголемување на поддршката за нивното политичко движење.
Новите членови биле пречекани од генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, и претседателот на општинската организација во Ѓорче Петров, Славољуб Тотиќ.
Од ЗНАМ оценуваат дека преминувањето на повеќе од 30 членови е потврда дека сè поголем број граѓани ја препознаваат нивната политика како автентична, принципиелна и посветена на интересите на граѓаните.
Како една од причините за напуштањето на СДСМ, од движењето ја посочуваат актуелната состојба во партијата, отсуството на јасна политичка визија и, како што наведуваат, губењето на довербата кај граѓаните.
„Состојбата во која се наоѓа СДСМ, отсуството на јасна политичка визија и губењето на довербата кај граѓаните се дел од причините поради кои членството ја напушта партијата“, велат од ЗНАМ.
Од движењето најавуваат дека продолжуваат да ги отвораат вратите за нови членови, повикувајќи ги сите чесни, искрени и принципиелни луѓе кои сакаат да придонесат за, како што велат, поинаква, одговорна и достоинствена политика.

