САД ИМ ИСПРАТИЈА ПРАШАЛНИК НА СОЈУЗНИЦИТЕ Вашингтон проверува кој е со Трамп
САД го проверуваат НАТО: Кој е со Трамп, а кој може да остане без американска заштита

САД испратиле прашалник до сојузниците во НАТО со кој бараат информации за нивната поддршка на надворешнополитичкиот курс на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, во време кога Вашингтон го преиспитува своето воено присуство во Европа, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со документот.
Според агенцијата, од земјите членки се бара да одговорат дали јавно ја поддржале американската надворешна политика, но и да посочат евентуални ограничувања поврзани со користењето на американските воени бази и набавките од американски одбранбени компании.
Дел од сојузниците прашалникот го доживеале како притисок за политичко усогласување со Вашингтон, односно како обид за наметнување поголема идеолошка униформност во рамките на Алијансата во замена за американската безбедносна поддршка.
Документот е испратен во период кога администрацијата на Трамп спроведува полугодишен преглед на американското воено присуство во Европа. Процесот треба да биде завршен во декември и може да даде насока за идниот обем на американските сили на континентот.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оценил дека преиспитувањето е „логична и позитивна“ одлука, особено имајќи ги предвид зголемените трошоци за одбрана на европските земји и Канада.
Функционер на НАТО потврдил дека Алијансата соработува со САД во рамките на прегледот на американското воено присуство, но не сакал да го коментира конкретниот документ.
Претходно, во јули, Си-Ен-Ен објави дека Трамп размислува за намалување на американското воено присуство во Европа за околу една третина, како сигнал до европските сојузници дека треба да преземат поголем дел од товарот за сопствената одбрана.

