АФД УДРИ ПО БЕРЛИН Германската амбасада во Скопје финансирала ЛГБТИ претстава
Билд“ ја претстави како пример за идеолошко трошење на германски пари, но според ДВ, средствата не биле од развојната помош, а спорната сцена воопшто не била изведена во Скопје.

Крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) побара од германската влада да објасни зошто амбасадата во Скопје финансиски поддржала театарска претстава посветена на теми поврзани со ЛГБТИ-заедницата.
Станува збор за претставата „Ангели во Америка“, која во 2025 година беше изведена во Македонскиот народен театар, во режија на Филип Петковски. Делото е адаптација на познатата драма на американскиот автор Тони Кушнер, која го следи животот на ликови од квир-заедницата во Њујорк во 1980-тите години, во периодот на епидемијата на СИДА.
Претставата на Кушнер стекна светска популарност, а во 2003 година беше адаптирана и во телевизиска мини-серија со Ал Пачино и Мерил Стрип.
АфД: Зошто се финансира ваква претстава?
Темата стигна до германскиот Бундестаг откако пратеници на АфД поднесоа прашање до владата во Берлин. Во него се проблематизира поддршката за претставата во Скопје, која партијата ја поврзува со пошироките критики за германската развојна политика и финансирањето проекти поврзани со родови прашања.
АфД тврди дека ваквите проекти не се вклопуваат во најавите на германската влада за напуштање на идеолошки мотивираните политики во странската и развојната помош.
Во прашањето до владата се споменува и контроверзниот лик на ангелот од драмата, кој во оригиналното дело се опишува со експлицитна анатомска карактеристика. Токму овој детал подоцна стана еден од главните елементи во медиумската кампања против финансирањето.
Но, случајот во Скопје е поинаков
Според информациите на ДВ, меѓутоа, приказната претставена од АфД и дел од германските медиуми не ја прикажува целосната слика.
Претставата во Скопје не била финансирана од германскиот развоен фонд, туку од таканаречениот мал фонд за култура и наука на германската амбасада. Поддршката изнесувала вкупно 2.000 евра, во соработка со македонското Министерство за култура.
Дополнително, во Скопје не бил изведен целиот текст на „Ангели во Америка“. Македонската продукција го обработила само првиот дел од драмата, во кој воопшто не се појавува сцената со ангелот која сега се користи како главен аргумент во критиките.
Билд ја засили приказната
И покрај тоа, германскиот таблоид „Билд“ на 13 август објави текст во кој претставата во Скопје ја наведе како пример за наводно продолжување на идеолошки мотивираното трошење на германските средства во странство. Во текстот со наслов „Развојна помош? 612 милиони евра се трошат на родови проекти“, претставата е ставена во контекст на пошироката германска политика за финансирање проекти поврзани со родова еднаквост и феминистички политики.
„Билд“ ја пренесе приказната со акцент на спорниот опис на ангелот и на тврдењето дека германски средства биле потрошени за ваков проект во Северна Македонија. Приказната потоа се прошири на платформата Х, каде што ја споделија повеќе германски политичари и јавни личности од десничарскиот политички спектар. Поранешниот главен уредник на „Билд“, Јулијан Рајхелт, остро го критикуваше трошењето пари во странство, додека европратеничката од АфД Кристине Андерсон случајот го оцени како „лудило“.
Во позадина е спорот за германската развојна политика
Целиот случај се вклопува во пошироката политичка битка во Германија околу иднината на развојната помош. Фридрих Мерц уште пред доаѓањето на власт најавуваше преиспитување на финансирањето проекти кои ги поврзуваше со левичарски и идеолошки политики. Критиките од десницата сега се насочени и кон министерката за економска соработка и развој Реем Алабали Радован од СПД.
Според „Билд“, уделот на проектите поврзани со родова еднаквост во германската развојна помош е намален само минимално – од 5,6 на 5,4 проценти. Како примери се наведуваат средства за поддршка на „екофеминистички пристапи“ во Индонезија, како и милиони евра за феминистички развојни политики во Ерменија, Колумбија, Руанда и Тунис.
Дополнително, до 2028 година се предвидени околу 20 милиони евра за поддршка на локални и регионални организации на граѓанското општество со цел, како што се наведува, „феминистичка трансформација“ во Африка. Случајот со „Ангели во Америка“ во Скопје така стана дел од поширокиот германски политички спор – иако конкретната претстава била поддржана со само 2.000 евра од културниот фонд на амбасадата, а спорната сцена со ангелот воопшто не била дел од скопската изведба.

