ПЛАТИ ДО 3.000 ЕВРА – Хрватска и Црна Гора во потрага по работници

Најбарани се келнери, готвачи, рецепционери, собарки и персонал за одржување.

ПЛАТИ ДО 3.000 ЕВРА – Хрватска и Црна Гора во потрага по работници
Фото: Принтскрин

Побарувачката за сезонски работници на Јадранот влегува во најсилниот период пред летната сезона, а огласите од Хрватска, Црна Гора и Словенија покажуваат дека најмногу се бара кадар за угостителство и хотелиерство. Според актуелните процени, само во Хрватска недостигаат околу 70.000 сезонски работници, додека во Црна Гора се бараат околу 25.000, од кои приближно 5.000 само во Будва.

Најголем дел од сезонците и ова лето се очекува да пристигнат од балканските земји, меѓу кои Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Поради хроничниот недостиг на работна сила, работодавците сè почесто ангажираат и работници од Азија и Источна Европа, особено за помошни позиции во хотелите и рестораните.

Најбарани остануваат келнерите и готвачите, а веднаш зад нив се помошните готвачи и персоналот во кујна. Голема побарувачка има и за хигиеничари, собарки, рецепционери, аниматори и работници за одржување.

Платите и оваа сезона најмногу растат во кујната. Келнерите можат да заработат од 1.200 до 1.600 евра месечно, додека бармените најчесто добиваат меѓу 1.400 и 1.600 евра. За рецепционери се нудат од 1.300 до 1.500 евра, а за одржување најчесто од 1.000 до 1.300 евра.

Највисоки примања има за готвачите и шефовите на кујна. Огласите нудат од 1.800 до 2.500 евра за готвачи, додека шефовите на кујна можат да заработат и повеќе од 3.000 евра месечно. Барани се и мајстори за скара и пица, со плати кои се движат од 1.500 до 2.500 евра.

Во хотелскиот сектор, хигиеничарките и собарките најчесто добиваат меѓу 1.000 и 1.200 евра, а слични примања се нудат и за хостеси ангажирани во ресторани и туристички објекти.

Работодавците посочуваат дека сезонците од Балканот често се подобро платени поради познавањето на јазикот и можноста да работат директно со гости, додека работниците од подалечни земји најчесто се ангажираат на помалку платени помошни позиции.

CATEGORIES
TAGS
Share This