АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТ НАПРАВИ ПРЕСВРТ – Крипто индустријата чекор поблиску до легализација

Законот доби поддршка во Банкарскиот комитет на Сенатот, а биткоинот веднаш реагираше со раст.

АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТ НАПРАВИ ПРЕСВРТ – Крипто индустријата чекор поблиску до легализација
Фото: Принтскрин

Крипто-индустријата доби голем поттик откако Банкарскиот комитет на американскиот Сенат го одобри Clarity Act,  првиот сеопфатен закон за регулирање на дигиталните средства во САД. Веднаш по веста, биткоинот повторно ја надмина границата од 81.000 долари.

Законот беше усвоен со 15 гласа „за“ и 9 „против“, а поддршка доби и од дел демократи. Сепак, предлогот допрва треба да помине гласање во целиот Сенат и Претставничкиот дом пред да стигне до потпис кај претседателот Доналд Трамп.

Поддржувачите тврдат дека крипто-пазарот со години функционирал во „регулаторна сива зона“, без јасни правила за инвеститорите и компаниите. Големи крипто-компании како Coinbase, Ripple и Circle силно лобираат за донесување на законот, сметајќи дека тоа ќе донесе поголема доверба и стабилност на пазарот.

Од друга страна, банките, синдикатите и дел од безбедносните агенции предупредуваат дека законот може да отвори простор за нелегални трансакции, да ја загрози финансиската стабилност и да ги намали банкарските депозити.

Дополнителни контроверзии предизвикува и фактот што Трамп и неговото семејство веќе заработуваат милијарди преку крипто-проекти и мем-монети, што отвора етички прашања околу конфликт на интереси.

Иако крипто-индустријата слави „историска победа“, иднината на законот останува неизвесна поради силните политички поделби и можните измени во Конгресот.

CATEGORIES
Share This