РУТА 2026 ВО СКОПЈЕ Шест регионални театарски претстави и четири монодрами на петтото фестивалско издание
Со главната фестивалска програма, монодрамите, работилниците и разговорите со актерите, РУТА 2026 ќе понуди шест дена исполнети со различни театарски поетики, современи општествени теми и уметнички перспективи од регионот.

Драмскиот театар Скопје од 26 до 31 октомври ќе биде домаќин на петтото издание на меѓународниот театарски фестивал РУТА, кој и годинава ќе ја собере регионалната театарска сцена со претстави од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Црна Гора.
Во текот на фестивалската недела, на сцената „Ристо Стефановски“ македонската публика ќе има можност да проследи шест театарски остварувања и копродукции на членките на Регионалната унија на театри. Програмата ја сочинуваат претстави на Белградско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, Театарот Улисис од Загреб во копродукција со Сараевскиот ратни театар – САРТР, Местно гледалишче Љубљана и Центарот за култура Тиват. Драмски театар Скопје ќе го затвори фестивалот на 31 октомври со претставата „Љубовта на Федра“.
Годинашното издание носи и новина – програмата МоноРУТА, во рамките на која ќе бидат изведени четири монодрами од Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија. Меѓу нив е и „Џеки“ на Драмски театар Скопје, во изведба на Трајанка Илиева-Вељиќ. Монодрамите ќе се играат на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности, со почеток во 17 часот, освен „Џеки“, која е наведена во програмата на Драмски театар.
Фестивалската програма е збогатена и со три театарски работилници. Работилницата „Менаџмент во културата во националните, државни и градски театри“ ќе ја водат Душко Љуштина, директор на Театарот Улисис, и Срѓан Обрадовиќ, извршен директор на Белградскиот драмски театар. Работилницата „Актерска игра и сценски говор“ ќе ја води актерот Озрен Грабариќ, професор на Академијата за драмски уметности во Загреб.
Од Драмски театар информираат дека работилниците ќе се одржуваат на 27, 28 и 29 октомври, со почеток во 12 часот, и се отворени за сите заинтересирани. По секоја претстава, публиката ќе може да учествува и во разговорите на тркалезните маси со актерите, кои и годинава ќе ги модерира д-р Ана Стојаноска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Од Драмски театар Скопје изразуваат задоволство што публиката го препознава значењето на РУТА и можноста во Скопје да ги следи најактуелните театарски продукции од регионот.
Билетите се продаваат на билетарницата на Драмски театар секој ден од 14:30 до 20:30 часот, како и онлајн преку веб-страницата на театарот.
РУТА 2026 – Главна фестивалска програма
Локација: Драмски театар Скопје, сцена „Ристо Стефановски“
Почеток на претставите: 20 часот
26 октомври, понеделник – „Црно злато“
Театар: Белградско драмско позориште
Автор: Дејан Дуковски
Режија: Оливер Фрљиќ
Времетраење: 1 час и 40 минути
Во режија на Оливер Фрљиќ, драмата на Дејан Дуковски го истражува семејството заробено во повеќекратни транзиции – општествени, политички, етички и родови. Преминот од еден во друг политички систем останува недовршен, а традиционалните вредности се заглавени меѓу минатото и неизвесната иднина.
Во семејната приказна влегува Ангела, успешна деловна жена која живее во Шпанија, но потекнува од истиот крај. Нејзиното присуство ги отвора потиснатите прашања во семејството, особено поврзани со заминувањето на синот Ангел. Постепено се открива дека Ангела всушност е изгубениот син, а драмата ги преиспитува идентитетот, семејните односи и промените што ги носи транзицијата.
Актерска екипа: Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Ања Ќурчиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ, Љубомир Булајиќ и Ана Јанковиќ.
27 октомври, вторник – „На чија страна“
Театар: Театар Улисис, Загреб, во соработка со САРТР и Реалстејџ
Автор: Роналд Харвуд
Режија: Ленка Удовички
Времетраење: 2 часа и 35 минути
Драмата на британскиот писател и сценарист Роналд Харвуд се занимава со одговорноста на уметникот, моралните компромиси и границата меѓу уметноста и политиката. Преку приказна за изборите што човекот ги прави во време на историски пресврти, претставата го поставува прашањето дали уметноста може да се одвои од политичката и моралната одговорност.
Дејството се случува во Берлин во 1946 година. Во канцеларијата на мајорот Стив Арнолд, во град разурнат од сојузничките бомбардирања, се испитува Вилхелм Фуртвенглер, еден од најголемите диригенти на XX век, во рамките на процесот на денацификација. Средбата меѓу двајцата отвора сложени дилеми за вината, соработката со режимот и можноста уметноста да се одвои од политичката реалност.
Актерска екипа: Озрен Грабариќ, Матеа Маврак, Џана Џаниќ, Албан Укај, Давор Сабо, Светозар Цветковиќ и виолончелистката Белма Алиќ.
28 октомври, среда – „Змејот“
Театар: Местно гледалишче Љубљана
Автор: Евгениј Шварц
Режија: Нела Витошевиќ
Времетраење: 1 час и 45 минути
Политичката сатира „Змејот“ на советскиот драматичар Евгениј Шварц, напишана во 1944 година, е приказна за тиранијата, стравот и општеството што се помирува со сопственото потчинување. По премиерата, изведувањето на драмата било забрането, а делото повторно се поставувало дури во 1962 година, по смртта на Сталин.
Преку иронија, сарказам и апсурдни комични ситуации, Шварц ги разобличува механизмите на тоталитарната власт – концентрацијата на моќта, контролата и прогонувањето на неистомислениците. Истовремено, авторот ја критикува и апатијата на луѓето што ја прифаќаат тиранијата и придонесуваат за нејзиното опстојување.
Во режија на македонската театарска авторка Нела Витошевиќ, претставата добива современо значење во време на засилени авторитарни тенденции, радикални идеологии и растечка концентрација на капиталот.
Во центарот на приказната е витезот Ланселот, кој пристигнува во град под четиристотингодишно владеење на страшен триглав змеј. Секоја година змејот избира нова девојка што ја проголтува, додека жителите покорно ја прифаќаат неговата власт. Ланселот решава да му се спротивстави и да го ослободи градот, но вистинскиот предизвик е да се разбуди општество кое одамна се откажало од отпорот.
Актерска екипа: Себастијан Каваца, Филип Самобор, Мојца Функл, Ајда Смрекар, Урош Смолеј, Матевж Слуга, Тјаша Железник, Тања Димитриевска, Шпела Ловрец, Јулита Кропец, Џозеф Нзобандора-Џоус и Нејц Језерник.
29 октомври, четврток – „Умри машки“
Театар: Камерни театар 55, Сараево
Автор: Алдо Николај
Режија: Адмир Гламочак
Времетраење: 1 час и 40 минути
Комедијата „Умри машки“ ја раскажува приказната за љубовниот триаголник меѓу Ева, Марио и Бруно, низ низа комични ситуации и неочекувани пресврти.
Претставата првпат била поставена во 1990 година како дипломска продукција на актерката Татјана Шојиќ, а потоа станала еден од најпрепознатливите наслови на Камерни театар 55. Со повеќе од 550 изведби, таа се вбројува меѓу најдолговечните и најуспешните театарски продукции во Босна и Херцеговина.
Актерска екипа: Татјана Шојиќ како Ева, Ермин Браво како Марио и Адмир Гламочак како Бруно.
30 октомври, петок – „Contra Mundum“
Театар: Центар за култура Тиват
Концепт и режија: Вељко Миќуновиќ
Драматург: Слободан Обрадовиќ
Главна улога: Озрен Грабариќ
Времетраење: 1 час и 15 минути
„Contra Mundum“ е сценски портрет на Салвадор Дали, кој ја истражува границата меѓу генијалноста, провокацијата и индивидуалната слобода. Инспирирана од автобиографијата „Тајниот живот на Салвадор Дали“, претставата не се задржува на класично биографско раскажување, туку создава сценски свет во кој надреализмот, музиката и актерската игра се спојуваат во единствена целина.
Во центарот е Озрен Грабариќ, кој го претставува Дали како противречна и непредвидлива личност, истовремено генијална, ексцентрична и провокативна. Живата музика, сценографијата и костимите се составен дел од сценскиот израз.
Претставата ги отвора прашањата за правото на различност, автентичноста и отпорот кон општествените норми. Нејзината фестивалска препознатливост, според организаторите, се поврзува и со освоените признанија за претставата, режијата, актерската изведба и авторската музика.
31 октомври, сабота – „Љубовта на Федра“
Театар: Драмски театар Скопје
Автор: Сара Кејн
Режија: Дино Мустафиќ
Драматург: Викторија Рангелова-Петровска
Асистент на режисерот: Димче Николовски
Времетраење: 1 час и 15 минути
Драмски театар Скопје ќе го затвори петтото издание на РУТА со претставата „Љубовта на Федра“ од британската драматичарка Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ.
Преку современо и сурово толкување на античкиот мит, претставата ја истражува љубовта што преминува во опсесија, невозможноста за вистинска блискост и судирот меѓу желбата, рамнодушноста и насилството. Федра е жена што чувствува до границата на самоуништувањето, додека Хиполит е отуѓен принц, неспособен да возврати на нејзините чувства.
Во свет обележан со распаднати семејни односи и морална празнина, драмата ја преиспитува природата на љубовта кога исчезнуваат сите нејзини утешни и идеализирани форми.
Актерска екипа: Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Дениз Абдула, Гордана Ендровска, Лазар Христов и Ања Митиќ.
РУТА 2026 – Програма МоноРУТА
Локација: Академска сцена на Факултетот за драмски уметности, со почеток во 17 часот, освен каде што е наведена друга локација.
26 октомври, понеделник – „Милунка“
Театар: Белградско драмско позориште
Авторка и актерка: Весна Станковиќ
Режија: Петар Станојловиќ
Времетраење: 1 час и 10 минути
Монодрамата „Милунка“ ја претставува животната приказна на Милунка Савиќ, хероината на српските ослободителни војни. Во интерпретација на Весна Станковиќ, публиката ја следи исповедта на жената која, преправена во маж и под името Милун Савиќ, заминала на фронтот наместо својот брат за време на Првата балканска војна.
И покрај воените заслуги и признанијата од истакнати француски воени личности, меѓу кои Франше д’Епере, Шарл де Гол и вицеадмиралот Гепрат, нејзиниот живот по војната бил обележан со тешкотии, а во Србија работела како чистачка во банка.
27 октомври, вторник – „Земја на волците“
Театар: Театар Улисис, Загреб
Авторки: Тонка Мршиќ и Гала Николиќ
Режија: Гала Николиќ
Актерка: Тонка Мршиќ
Времетраење: 1 час
„Земја на волците“ е монодрама со елементи на црна комедија и апсурд, која ја истражува положбата на жената во патријархалната средина.
Преку три женски ликови во различни животни периоди, претставата ги отвора прашањата за општествените норми, традиционализмот, бракот, личниот избор и осаменоста. Во приказната се испреплетуваат и последиците од војната, како и притисокот на малите заедници врз поединецот.
Во фокусот е реченицата „А што ќе речат луѓето?“ – симбол на стравот од осудата и на општествените очекувања што ја ограничуваат индивидуалната слобода. Претставата содржи и автобиографски елементи.
30 октомври, петок – „Вирџина“
Театар: Центар за култура Тиват
Автор: Душан Јанковиќ
Актерка: Марта Ќераниќ
Времетраење: 1 час
Монодрамата „Вирџина“ ја раскажува приказната за жена која морала да го преземе идентитетот и улогата на маж поради одлуките на семејството и средината во која живеела.
Преку нејзината интимна исповед, претставата го истражува феноменот на вирџините во Црна Гора, но и пошироките прашања за идентитетот, личната слобода и цената што поединецот ја плаќа кога општествените правила му го одредуваат животот. Во центарот е судбината на женско дете принудено да живее според улога што не ја избрало само.
31 октомври, сабота – „Џеки“
Театар: Драмски театар Скопје
Авторка: Елфриде Јелинек
Режија: Жива Бизовичар
Актерка: Трајанка Илиева-Вељиќ
Времетраење: 45 минути
Локација: Драмски театар Скопје
Монодрамата „Џеки“, произлезена од делото „Драми на принцезите“ на австриската писателка Елфриде Јелинек, ја претставува Џеки Оназис, сопругата на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди.
Во изведба на Трајанка Илиева-Вељиќ, Џеки ја раскажува својата „вистинска“ приказна како жена претворена во совршена јавна слика, принудена да ги исполнува очекувањата на околината. Зад беспрекорната надворешност се крие личност заробена во улога од која тешко може да се ослободи.
Преку нејзиниот лик, Јелинек ја преиспитува конструкцијата на женскиот идентитет, притисокот на јавноста и претворањето на жената во симбол што треба да ги задоволи туѓите претстави за совршенство.
Со главната фестивалска програма, монодрамите, работилниците и разговорите со актерите, РУТА 2026 ќе понуди шест дена исполнети со различни театарски поетики, современи општествени теми и уметнички перспективи од регионот.

