ГО СПОРЕДИ РЕАЛ СО НАЦИСТИЧКА ПРОПАГАНДА Сега на Тебас му се заканува суспензија
Случајот стигна до Спортскиот административен суд на Шпанија, кој ќе одлучува дали има основа за дисциплинска постапка.

Претседателот на шпанската фудбалска Ла Лига, Хавиер Тебас, би можел да се соочи со суспензија поради изјавите во кои начинот на кој Реал Мадрид комуницира со јавноста го спореди со нацистичката пропаганда и методите на Јозеф Гебелс.
Врховниот спортски совет на Шпанија (CSD) во четвртокот го препрати случајот до Спортскиот административен суд (TAD), кој треба да утврди дали постојат основи за покренување дисциплинска постапка против првиот човек на Ла Лига.
Тебас на социјалната мрежа „Икс“ го коментираше начинот на кој Реал Мадрид преку својата клупска телевизија го критикува судењето и работата на Ла Лига. Во таа пригода, тој направи споредба со нацистичката пропаганда, што предизвика остра реакција од мадридскиот клуб.
Реал Мадрид побара Тебас да поднесе оставка, по што CSD се вклучи во случајот и побара од TAD да оцени дали неговите изјави претставуваат прекршување на член 76.4, став б од шпанскиот Закон за спорт. Одредбата се однесува на јавни дејствија што го нарушуваат угледот и достоинството на спортот.
Доколку судот утврди дека е сторен прекршок, Тебас би можел да добие јавна опомена, парична казна од 600 до 3.000 евра или забрана за вршење спортски должности во период од 30 дена до две години.
Тебас веќе ја коментираше постапката, оценувајќи дека CSD продолжува да бара причина за да го суспендира или отстрани од функцијата. Конечната одлука за евентуална дисциплинска одговорност допрва треба да биде донесена.

