ПЕНЗИОНИРАЊЕТО СЕ ПОМЕСТУВА Во ЕУ ќе се работи до 67, а во една земја дури до 74 години

ОЕЦД предупредува дека стареењето на населението создава сè поголем притисок врз пензиските системи, па европските земји ја продолжуваат работната возраст како една од главните мерки за нивна финансиска одржливост.

ПЕНЗИОНИРАЊЕТО СЕ ПОМЕСТУВА Во ЕУ ќе се работи до 67, а во една земја дури до 74 години
Фото: Принтскрин

Пензиската возраст во Европската Унија во следните децении значително ќе се зголемува. Според анализата на „Евроњуз“, заснована на податоците за 32 земји и извештајот на ОЕЦД „Пензиите на прв поглед 2025“, просечната возраст за пензионирање во ЕУ до крајот на 2060-тите ќе достигне 66,9 години за мажите и 66,6 години за жените. Во однос на лицата кои се пензионирале во 2024 година, тоа претставува зголемување од околу 2,1 година за мажите и 2,6 години за жените.

Анализата покажува дека пензиската возраст ќе биде зголемена за мажите во 21 од анализираните земји, додека кај жените зголемување е предвидено во 24 земји. Причината за ваквиот тренд е сè постарата европска популација. ОЕЦД предупредува дека стареењето на населението ќе создава сè поголем притисок врз пензиските системи. Ако во 2025 година на секои 100 лица на возраст од 20 до 64 години има 33 лица над 65 години, до 2050 година се очекува тој број да достигне 52.

Зголемувањето на возраста за пензионирање е една од главните мерки со кои земјите се обидуваат да ја зачуваат финансиската одржливост на пензиските системи, без директно намалување на пензиите. Други можности се зголемување на придонесите или намалување на висината на пензиските бенефиции.

Според податоците за 2024 година, највисока редовна пензиска возраст за мажите од 67 години имаат Данска, Норвешка, Исланд и Холандија. Просекот во ЕУ во моментов е 64,7 години. На спротивниот крај е Турција, каде што пензиската возраст за мажите изнесува 52 години. Во Грција, Словенија и Луксембург таа е 62 години. Меѓу најголемите европски економии, Германија има највисока актуелна пензиска возраст за мажите – 66,2 години, додека Франција има најниска – 64,3 години.

Но, идните генерации ќе се соочат со значително повисоки граници. Мажите кои започнале да работат на 22-годишна возраст во 2024 година, според проекциите, во просек ќе се пензионираат на 66,9 години, односно околу 2069 година. Највисока идна пензиска возраст ќе има Данска – дури 74 години. Во Естонија ќе достигне 71 година, додека во Италија, Холандија, Шведска и Кипар ќе изнесува 70 години. Во Словенија и Луксембург пензиската возраст за мажите би останала најниска, на 62 години.

Меѓу најголемите европски економии, Италија ќе има највисока проектирана возраст за пензионирање – 70 години, по што следуваат Обединетото Кралство со 68 и Германија со 67 години. Во Франција и Шпанија таа ќе биде 65 години.

Најголем скок во пензиската возраст за мажите е предвиден во Турција – дури 13 години, од сегашните 52 на 65 години. Во Данска зголемувањето би изнесувало седум години, додека во Естонија, Италија, Словачка и Кипар ќе биде најмалку пет години. Во Шведска и Грција пензиската граница ќе се зголеми за четири години, а во Холандија и Финска за три години. Пораст од најмалку две години е предвиден во Португалија, Обединетото Кралство, Чешка, Романија и Белгија. Во Германија и Франција зголемувањето ќе биде помало од една година, додека во неколку други земји пензиската возраст ќе остане непроменета.

Трендот е сличен и кај жените. Данска, Холандија, Исланд и Норвешка веќе имаат највисока пензиска возраст од 67 години, додека просекот во ЕУ изнесува 64 години. Турција повторно има најниска граница – 49 години, а по неа е Полска со 60 години. Сепак, за жените кои започнале да работат во 2024 година се очекува просечната возраст за пензионирање во ЕУ да достигне 66,6 години до крајот на 2060-тите. Проекциите на ОЕЦД покажуваат дека пензиските системи во Европа ќе мора да се приспособат на новата демографска реалност – сè поголем број постари лица и сè помал број луѓе во работоспособна возраст.

CATEGORIES
Share This