КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУГА Ќура незаконски разрешил директор и поставил в.д. директор

МВР го сомничи градоначалникот за злоупотреба на службената положба, а инспекцискиот надзор утврдил неправилности.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУГА Ќура незаконски разрешил директор и поставил в.д. директор
Фото: Принтскрин

Струшката полиција поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластувањето.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ОВР Струга поднело пријава против 66-годишниот М.Ќ. од струшкото село Биџево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.

Според МВР, Ќура, во својство на градоначалник на Струга, спротивно на одредбите од Законот за основно образование, донел одлука со која незаконски разрешил директор на едно основно општинско училиште.

По разрешувањето, тој назначил друго лице за вршител на должноста директор, иако, како што наведува полицијата, знаел дека новоназначеното лице не ги исполнува целосно условите пропишани со член 118 од Законот за основно образование.

Неправилностите биле констатирани и при инспекциски надзор извршен од Државниот просветен инспекторат.

Од МВР не го наведуваат името на училиштето, ниту на лицето кое било разрешено и на новоназначениот в.д. директор.

CATEGORIES
Share This