ИСТОРИСКИ ПОДВИГ – Охрид го сруши Целје и влезе во финале на Европа по пенал-драма

Ракометен трилер во Охрид, одлучуваа пенали во драматичен реванш.

ИСТОРИСКИ ПОДВИГ – Охрид го сруши Целје и влезе во финале на Европа по пенал-драма
Фото: Принтскрин

Ракометарите на ГРК Охрид изборија пласман во финалето на ЕХФ Купот по вистинска драма против словенечкиот Целје. Реваншот заврши 25:24 за охриѓани, а бидејќи и првиот меч имаше иста разлика од еден гол, победникот беше решен по изведување на пенали. Во пенал-рулетот, Охрид беше посигурен и славеше со 4:3.

Најзаслужни за успехот беа Јасухира со девет и Стрмљан со седум постигнати голови, додека голманот Филиповиќ забележа 12 интервенции. Кај противникот, Периќ постигна седум, а Анжиќ пет погодоци.

Во големото финале, Охрид ќе се соочи со унгарската Татабања, екипа во која настапува македонскиот репрезентативец Филип Талески.

Голманот Кристијан Пилиповиќ повторно беше клучна фигура за охридскиот тим, потврдувајќи ја својата форма. Во регуларниот дел од реваншот имаше 11 одбрани, вклучително и еден одбранет пенал, а во најважните моменти од пенал-серијата повторно придонесе за победата.

„Голема чест за овие момци. Секој во тимот во различен момент презеде одговорност. Во последните минути чувствував дека секоја топка ја допирам, но тимот најде начин да постигне голови и заслужено победивме. Благодарност до навивачите и целиот Охрид кои нè носеа во тешките моменти“, изјави Пилиповиќ.

Тој додаде дека пласманот во финалето е голем успех и ја пофали екипата на Целје, истакнувајќи дека станува збор за силен противник. За финалето против Татабања порача дека Охрид ќе оди на победа.

Првото финално соочување е закажано за 23/24 мај, а реваншот ќе се игра на 30/31 мај, додека домаќинот на првиот натпревар ќе биде одреден со ждрепка.

CATEGORIES
Share This