НЕВИДЕН СЛУЧАЈ – Средношколец се претставувал како наставник и добил пристап до податоци на сите професори
Според полицијата, преку лажен профил контактирал вработена во Министерството и добил службени пристапи.

Прилепската полиција поднесе известување против средношколец од Прилеп, поради сомнение дека сторил кривично дело „компјутерски фалсификат“.
Според пријавата, тој лажно се претставил како наставник по англиски јазик во основно училиште во Виница и преку креиран профил воспоставил контакт со вработена во Министерството за образование и наука (МОН). И покрај тоа што таа го предупредила дека службена комуникација со наставници не треба да се води преку социјални мрежи, сепак му креирала службена електронска адреса на Министерството и му ги дала лозинките за пристап до е-дневникот како администратор преку нејзината корисничка сметка, со задача да ги координира наставниците.
На тој начин, пријавениот наводно добил пристап до податоци на професори на државно ниво, ги координирал и им помагал при користење на електронскиот дневник. Ова, според информациите, траело од 2022 година до ноември 2025 година.
По известување од поранешната в.д. директорка дека наставничка пријавила бришење податоци од електронскиот дневник, осомничениот ги избришал лажните профили на социјалните мрежи, а подоцна бил отстранет и неговиот службен профил од системот на Министерството за образование и наука.
