ГУВЕРНЕРОТ ПРЕДУПРЕДУВА – Доаѓа нов бран поскапувања што ќе ја „изеде“ платата
Се отвора прашањето дали следува ново затегнување на монетарната политика?

Базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергенсите и се смета за еден од клучните показатели што ги следат централните банки, во април забележа месечен раст од 1,84%, додека во март тој изнесуваше само 0,33%. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, објаснува дека ова забрзување укажува дека инфлаторните притисоци постепено се прелеваат низ целата економија.
Според него, во базичната инфлација веќе се вградени и очекувањата на компаниите и граѓаните за идните цени, плати и трошоци, што може дополнително да го поттикне растот на цените во различни економски сегменти. Затоа, вели тој, централните банки внимателно го следат овој индикатор, бидејќи преку него најјасно се согледува дали инфлацијата станува подолгорочен и потешко контролиран проблем.
„Суштината на базичната инфлација ја гледам како вгнездена инфлација, односно Underlying Inflation. Тоа се домашните фактори и односот меѓу факторите на производство и распределбата, како и борбата за зачувување на животниот стандард. Тука спаѓаат барањата за зголемување на платите во согласност со инфлаторните очекувања, но и настојувањата на бизнисот да ја зачува вредноста на капиталот и профитната стапка“.
Дури и некои централни банки, меѓу кои и Федералните резерви во САД, одлуките за каматните стапки ги темелат повеќе на движењата на базичната, отколку на општата инфлација“, посочува Славески.
