НЕМА КАПИТУЛАЦИЈА Мицкоски со остра порака за уставните измени
Премиерот порача дека Владата е подготвена за разговори и решение, но нема да прифати безусловни промени на Уставот според условите од претходната власт.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема да прифати безусловна промена на Уставот според условите што, како што оцени, ги прифатила претходната влада. Тој смета дека таквиот чекор не би претставувал реформа, туку отстапка без гаранции.
„За мене промена на Уставот и прифаќање на тоа што го прифатила претходната влада не е реформа. Нашиот став е јасен граѓаните очекуваат од македонското политичко раководство да го заштити националниот идентитет. Ние тоа го правиме. Нема цена по која можеме да направиме безусловни отстапки“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата останува отворена за дијалог и барање компромисно решение, но отфрла можност за, како што рече, „капитулација“.
„Може да разговараме, да бараме решенија и да бидеме конструктивни, но не можам да ставам потпис на нешто што го прифатила претходната влада, ако тоа значи капитулација“, додаде тој.
Мицкоски посочи дека последниот збор за политиките на власта ќе го имаат граѓаните на изборите.
„Ако граѓаните сметаат дека сум погрешил, ќе изберат друга политичка опција. Ние ќе заминеме во опозиција, а јас ќе се повлечам од политиката. Ќе дојдат нови лидерства“, рече премиерот.
Според него, граѓаните се разочарани од досегашните процеси во кои, како што наведе, биле направени национални отстапки без јасни гаранции дека ќе се постигне крајната цел.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со реформите и ќе остане посветена на европската интеграција, но само преку, како што нагласи, конструктивни чекори.
„Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први кога станува збор за напредокот. Ако некој сака оваа држава да биде дел од европското семејство, тука сме. Подготвени сме за сè што е конструктивно, но не и за нешто што е деструктивно“, порача Мицкоски.


