СМРТТА НА БРАЗИЛСКАТА ИНФЛУЕНСЕРКА КАУНА БИЛАР ВО ДУБАИ ПОД ИСТРАГА Полицијата не исклучува кривично дело
Кауана Билар (26) паднала од 27-ми кат на луксузна зграда, а истражителите ги проверуваат сите околности околу трагичниот настан.

Бразилската инфлуенсерка Кауана Билар (26) загина по пад од 27-ми кат на луксузна зграда во Дубаи, а тамошната полиција сè уште ги истражува сите околности околу трагичниот настан. Иако во почетната фаза случајот се разгледува како можна несреќа, истражителите не ја исклучуваат ниту можноста дека станува збор за кривично дело. Во рамки на истрагата се проверуваат повеќе сценарија, а особено внимание привлекува гласовната порака што, според бразилските медиуми, ја испратила нејзината партнерка Барбара Абрантес непосредно по трагедијата.
Според весникот „О Глобо“, Барбара се наоѓала во станот во моментот на падот. Набргу потоа, таа наводно испратила вознемирена порака до пријателка во која барала помош и кажала дека нејзините родители не смеат да дознаат што се случило. Истражителите сега ја анализираат содржината на пораката, како и исказите што Барбара ги дала пред полицијата.
Властите во Дубаи сè уште немаат донесено конечен заклучок. Форензичките тимови собираат докази, а истрагата се движи во повеќе правци – од несреќен случај, до можност за самоубиство, убиство или фемицид. Барбара го информирала семејството на Кауана за трагедијата, а пред полицијата изјавила дека нивниот однос бил добар и дека немале конфликти пред несреќата.
Случајот доби дополнително внимание бидејќи само неколку недели пред смртта, Кауана на социјалните мрежи споделила емотивна објава за подарокот што го добила од партнерката. Таа објавила фотографија со букет рози и британска кратковлакнеста мачка, која Барбара ѝ ја подарила, пишувајќи дека ѝ исполнила една од најголемите желби во животот.
„Ти благодарам што веруваше во моите соништа кога јас веќе се плашев да верувам во нив. Јас сум целосно исполнета, среќна и уште повеќе заљубена во тебе“, напишала Кауана.
По нејзината смрт, профилот на Барбара на Инстаграм, според бразилските медиуми, бил деактивиран. Мајката на Кауана, Дарла Билар, ја потврдила трагичната вест преку емотивна објава на Инстаграм.
„Нема зборови што можат да опишат колку ни недостигаш. Денес повеќе не си покрај мене како што сонував, но засекогаш ќе живееш во моето срце. Те сакам бескрајно, мое мало девојче. До денот кога повторно ќе се сретнеме“, напишала таа.
Кауана Билар имала повеќе од 20.000 следбеници на Инстаграм, каде што споделувала содржини поврзани со луксузни патувања, мода и животот во Дубаи. Бразилското Министерство за надворешни работи соопшти дека го следи случајот и обезбедува конзуларна помош за семејството, додека истрагата во Дубаи продолжува.


