ФРАНЦИЈА ВЛЕГУВА ВО ОЛИМПОТ НА ФУДБАЛОТ „Петлите“ го израмнија Бразил и тргнаа по рекордот на Германија

Дидие Дешан создаде тим со неверојатна физичка сила, тактичка дисциплина и менталитет на победници.

ФРАНЦИЈА ВЛЕГУВА ВО ОЛИМПОТ НА ФУДБАЛОТ „Петлите“ го израмнија Бразил и тргнаа по рекордот на Германија
Фото: Принтскрин

Француската фудбалска репрезентација официјално се запиша меѓу најголемите во историјата на Светските првенства. Со пласманот во третото последователно полуфинале на Мундијалите, „петлите“ се израмнија со легендарниот Бразил и се доближија до рекордот на Германија,  подвиг што го постигнале само најдоминантните фудбалски нации.

Оваа ера на францускиот фудбал е резултат на совршената комбинација од стратегијата на селекторот Дидие Дешан, огромниот талент на играчите и победничкиот менталитет кој со години се гради во националниот тим.

За да се разбере големината на успехот, доволно е да се погледне историјата. Бразил двапати успеа да стигне до три последователни полуфиналиња на Светските првенства – прво во периодот од 1970 до 1978 година, а потоа од 1994 до 2002 година. Во тие епохи „кариоките“ освоија три титули во 1970, 1994 и 2002 година оставајќи неизбришлива трага со својот атрактивен и офанзивен фудбал.

Иако Бразил отсекогаш бил симбол за спектакл и креативност, тимот од 1994 година беше поинаков. Под водство на Карлос Алберто Пареира, „селесао“ се потпре на поголема дисциплина и силен среден ред со играчи како Дунга и Мауро Силва, а до трофејот го предводеше фантастичниот Ромарио.

На врвот на оваа листа и понатаму стои Германија. Бундестимот има неверојатна серија од четири последователни полуфиналиња од 2002 до 2014 година, период во кој ја освои светската титула во 2014. Токму од таа ера произлезе познатата фраза дека „фудбалот се игра 11 против 11, а на крајот секогаш победува Германија“.

Германците имаат и две дополнителни серии со по три полуфиналиња од 1966 до 1974 и од 1982 до 1990 година. Тоа беа генерации предводени од големи имиња како Франц Бекенбауер, Оливер Кан, Михаел Балак и Мирослав Клозе, кои го создадоа имиџот на репрезентација со шампионски карактер.

Сега во друштвото на овие фудбалски гиганти влезе и Франција на Дидие Дешан. Селекторот е главниот архитект на овој успех, создавајќи тим кој комбинира физичка моќ, тактичка зрелост и неверојатна индивидуална класа.

Од шампионската генерација која го освои Мундијалот во 2018 година останаа само неколкумина, меѓу кои Лукас Ернандез, Усман Дембеле и најголемата ѕвезда Килијан Мбапе. Сепак, духот на тој тим продолжи преку новата генерација која ја задржа истата амбиција и желба за трофеи.

Низ оваа француска фудбалска приказна својата трага оставија големи имиња како Пол Погба, Антоан Гризман, Рафаел Варан, Оливие Жиру и Н’Голо Канте. Секој од нив имаше клучни моменти во најголемите натпревари, но лицето на оваа ера без сомнение е Килијан Мбапе.

Во 2018 година, како млад талент, Мбапе блесна покрај играчи како Погба и Гризман и стана еден од симболите на шампионската генерација. Во 2022 година, тој речиси сам ја одржуваше Франција во игра во незаборавното финале против Аргентина, постигнувајќи хет-трик и покажувајќи дека е лидер за големите сцени.

Денес, Мбапе повторно ја предводи Франција која продолжува да руши рекорди и да ја пишува својата историја. „Петлите“ веќе не се само успешна репрезентација и тие се една од најдоминантните фудбалски сили на 21 век.

CATEGORIES
Share This