ЕУ СО 500 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ОЧАЈНИЧКИ ПОТЕГ Дали храната ќе поскапи уште повеќе

Комисијата предупредува дека намаленото производство може да го загрози снабдувањето со храна во ЕУ.

ЕУ СО 500 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ОЧАЈНИЧКИ ПОТЕГ Дали храната ќе поскапи уште повеќе
Фото: Принтскрин

Европската комисија предложи пакет од 500 милиони евра за помош на земјоделците во ЕУ кои се соочуваат со зголемени трошоци за вештачки ѓубрива. Од Брисел предупредуваат дека поскапувањето може да го одложи есенското и зимското сеење и да создаде ризик за стабилноста на производството на храна.

Според предлогот, средствата ќе дојдат од земјоделската резерва во рамките на Заедничката земјоделска политика, која моментално изнесува околу 200 милиони евра. Дополнително, Комисијата бара од земјите-членки и Европскиот парламент да обезбедат уште 300 милиони евра за да се заокружи пакетот.

Еврокомесарот за земјоделство Кристоф Хансен истакна дека досегашното влијание од растот на цените било ограничено, бидејќи дел од земјоделците навреме направиле залихи. Сепак, дел од нив сега размислуваат да се откажат од сеење зимски култури и наместо тоа да се насочат кон еколошки програми кои бараат помалку ѓубрива, а нудат финансиски поттик.

Иако пакетот за поддршка беше најавен уште во мај, тогаш не беше објавен конкретниот износ на средствата. Хансен предупреди дека намалувањето на сеењето може да влијае врз снабдувањето со храна во ЕУ.

Цените на ѓубривата, особено азотните, значително пораснаа поради поскапувањето на природниот гас, поврзано со геополитички тензии на Блискиот Исток и ограничувања во снабдувањето.

Паралелно, ЕУ презема мерки за стабилизирање на пазарот, намалување на зависноста од увоз и поттикнување поодржливо користење на ѓубрива, вклучително и оние од органско потекло. Дополнително, укинати се стандардните увозни давачки за одредени азотни ѓубрива до крајот на мај 2027 година, што според проценките може да заштеди околу 60 милиони евра во трошоци за увоз.

CATEGORIES
Share This