ДВА ИЛИНДЕНА, ЕДНА ДРЖАВНОСТ Македонија го одбележува 2 Август – Денот на Републиката
123 години од Илинденското востание и 82 години од АСНОМ: централни прослави во Крушево и Пелинце, свечености и во Скопје

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, празник кој ги обединува двата клучни историски настани поврзани со македонската државност – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година. Оваа година се навршуваат 123 години од Илинденското востание и 82 години од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.
Илинденското востание започнало во Крушево во ноќта спроти Илинден во 1903 година, кога камбаните го означиле почетокот на востанието. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а два дена подоцна Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и бил избран за нејзин претседател. Крушевската Република опстојувала десет дена. Османлиската војска, предводена од Бахтијар-паша, со околу 18.000 војници започнала офанзива за повторно воспоставување на османлиската власт во Крушево. Борбите кулминирале на Мечкин Камен, каде што загинал војводата Питу Гули, со што бил означен и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово се одржало Првото заседание на АСНОМ. На заседанието учествувале 115 делегати, а Македонија била потврдена како рамноправна федерална единица во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и учесник во историските процеси што го одбележале македонскиот пат кон државноста. За претседател на Президиумот на АСНОМ бил избран Методија Андонов-Ченто.
Меѓу најзначајните документи усвоени на заседанието се Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
Централното одбележување на празникот ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево, каде што ќе се одржи голем народен собир. Во Скопје и Пелинце, пак, ќе се одржат свечености, положување цвеќе и пригодни активности посветени на двата Илиндена.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје, а ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто. Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на одбележувањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде што ќе има свое обраќање. Настанот е најавен за 09:00 часот. На централната прослава во Крушево, пред народниот собир ќе се обрати потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, кој годинава нема да присуствува на прославата во Крушево поради учество на меѓународна конференција во Египет, во својата честитка порача дека Илинден ги обединува граѓаните околу вредностите врз кои е изградена македонската држава. Гаши ги посочи Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година како двата историски столба на стремежот кон слобода, самоопределување и државност.

