МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ЗА ИЛИНДЕН Секоја генерација има свој Илинден – нашата задача е да ја вратиме татковината

Премиерот од Пелинце порача дека денешната генерација има обврска да ја зачува Македонија силна, да ја врати довербата во институциите и да создаде иднина во која граѓаните ќе веруваат.

МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ЗА ИЛИНДЕН Секоја генерација има свој Илинден – нашата задача е да ја вратиме татковината
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека секоја генерација има свој Илинден, своја мисија и одговорност, нагласувајќи дека задачата на денешната генерација е да ја зачува државата силна, да обезбеди просперитет и да создаде праведно општество во кое граѓаните ќе веруваат дека вреди да се остане и да се гради иднината.

Во обраќањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод 2 Август – Денот на Републиката, Мицкоски истакна дека почитта кон илинденците и асномците не треба да се сведува само на сеќавање на минатото, туку треба да биде потсетник на одговорноста што ја носи секоја нова генерација.

Тој порача дека историјата не бара денешните генерации буквално да ги повторуваат чекорите на оние кои се бореле пред нив, туку да покажат иста храброст и решителност во соочувањето со предизвиците на своето време.

„Нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача – да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна и да создаде земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане и да се гради иднината“, рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека славното минато не смее да биде место во кое ќе се бара засолниште, туку темел од кој треба да се црпи сила за иднината. Според него, народот кој ја почитува својата историја, но истовремено храбро ја создава својата иднина, не може да биде запрен.

Премиерот призна дека денешна Македонија не е државата за која сонувале илинденците и асномците, но токму тоа, како што посочи, претставува задача за сегашната генерација – да работи на создавање татковина каква што ја замислувале претходните генерации.

Тој оцени дека довербата кај граѓаните се враќа преку конкретни резултати и дела, посочувајќи дека со секој нов чекор се создаваат примери во кои „Македонија победува“.

Осврнувајќи се на политичките состојби, Мицкоски ги критикуваше поранешните власти, обвинувајќи ги дека своите позиции во институциите ги одржувале преку отстапки и одлуки кои, според него, биле спротивни на државните интереси.

Тој оцени дека наместо политички натпревар заснован на идеи и конкретни предлози, во јавноста се создава атмосфера на, како што ја нарече, „нихилизам, омраза и дефетизам“.

Мицкоски порача дека нема да се откаже од борбата Македонија да стане подобро место за живеење и дека нема да прифати нови отстапки во прашањата поврзани со европскиот пат на земјата.

На крајот, тој истакна дека денешната генерација има историска обврска да ја зачува „душата“ на државата, да ја врати довербата во институциите и достоинството на чесниот човек, како и надежта повторно да ја постави како една од најсилните движечки сили на општеството.

CATEGORIES
Share This