Женската македонска ракометна репрезентација денеска во Велење го игра последниот натпревар од квалификациите за пласман на ЕХФ ЕУРО 2026. Националниот тим веќе трет ден престојува во Словенија, каде се одработуваат завршните тренинзи пред дуелот.
Противник е фаворизираната селекција на Словенија, која веќе има обезбедено место на Европското првенство.
„Во недела играме против Словенија, ќе биде тежок натпревар и мора да го сфатиме максимално сериозно. Се надевам дека можеме да се носиме со противникот, а секој позитивен резултат би бил добредојден“ – изјави Ивана Џатевска.
Натпреварот започнува во 18 часот, истовремено со останатите дуели од групите поради регуларност. Пласман на Европското првенство обезбедуваат двете првопласирани селекции од шесте групи, како и четири најдобри третопласирани. Македонија моментално е на третото место во групата и сè уште има шанси за пласман на ЕХФ ЕУРО 2026.