ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, недела, 21 јуни 2026 година.

Политички преглед на денот, сабота 21 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: За Филипче и СДС, патот до Брисел поминува преку Софија, и преку идентитетот
Не е тешко да се заклучи што Венко Филипче сака да постигне со неговата гласност за внесување на Бугари во Уставот, со оглед на тоа што СДС секогаш се движи по истата траекторија на национални отстапки. Последните уставни измени кои се случија беа за промена на името на државата, за што заслужен беше менторот на Филипче, Заев. СДС дојде на власт со изгубени избори, со лажни ветувања за европска иднина, а сега Филипче повторно се обидува да ја продаде истата таа приказна.
СДС ја доведе Македонија да биде блокирана на патот кон ЕУ, затоа што на никој од СДС, ниту од претходниот состав на Заев, ниту од овој не толку нов состав на Филипче, не му се приоритет националните интереси ниту македонскиот идентитет. Филипче сега се обидува да го наметне истото сценарио со Бугарија. Ставовите на официјална Софија се дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека Македонците и Бугарите се ист народ во две држави и дека македонските револуционери се Бугари.
Со месеци се додворуваше на Бугарија, на Румен Радев, па даваше изјави во јавноста усогласени со бугарското МНР, се нудеше на нив за да некако се продаде кај нив, затоа што од македонските граѓани доби јасни пораки на неколку последователни избори, и знае дека народот нема да го гласа. Филипче на чело на СДС, е подготвен да ја редефинира македонската историја, затоа што сонува за премиерска фотелја. По примерот на Заев, Филипче исто така кажува дека е подготвен на нова национална отстапка што ќе му ја овозможи оваа фотелја, вели дека ако било до него веднаш би ги вметнал Бугарите во Уставот, без понатамошни гаранции.
Оттука, може да се заклучи дека Филипче ги следи комплетно истите чекори на Заев. Вели дека македонскиот идентитет не бил загрозен што комплетно се коси со ултиматумите кои Бугарија и ги наметнува на Македонија при евроинтегративниот процес. Филипче би избрал да служи на туѓи држави, да исполнува туѓи агенди, а очигледно и највисокото раководство на СДС се усогласува со ова, со оглед на тоа што лица од ИО на СДС постојано се во комуникација со контроверзни лица и лица кои за цел имаат да шират бугарска пропаганда во Македонија.
Но, ова нема да помине. Филипче и СДС ги потценуваат граѓаните. Граѓаните нема да дозволат уште еден Заев да и се случи на Македонија, нема да дозволат уште една национална отстапка, нема да дозволат понатамошно обезличување на Македонија, пазарење со националните интереси и редефинирање на македонската историја. Народот сака предвидлив евроинтегративен пат, со јасни црвени линии, а не лик кој се однесува како специјален бугарски пратеник на Бугарија во Македонија и кој застапува антидржавни политики само за да дојде на власт и по претходен пример да ја испразни државната каса.
СДСМ: За 2 години Влада: Ветуваа европска иднина, донесоа изолација
ВМРО ветуваше европска иднина, а за две години донесе изолација, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека по две години од Влада на ВМРО, наместо напредок во евроинтеграциите и реформи, државата е заглавена, а европскиот пат е целосно блокиран.
Што ветуваа за Европската иднина на земјата? ЦитирамЕ : Максимални напори за остварување на реален видлив напредок во евроинтеграциските процеси и полноправно членство во Европска Унија. Дијаметрално спротивно на сегашните изјави на премиерот. Понатаму, одложена примена на уставните измени ,брзо и квалитетно исполнување на реформските процеси и целосно прилагодување кон европското законодавство. Ништо од ова не исполнија.
Посочуваат дека реалноста денес е спротивна на сè што ветуваше ВМРО, затоа што нема реформи, а законите што се носат не се во согласност со европските стандарди. Нема никакви реформи, има закони кои се носат во Собранието, кои не се по препораките на Европската Унија и Европа ги враќа назад. Нормално, тие луѓе не се наивни. Со ваквите политики Владата ја оттурнува државата од европската перспектива и ја води во сè подлабока изолација.
Европскиот пат е целосно заглавен. Христијан Мицкоски ја води земјата во изолација, додека регионот оди напред. И тој излегува и кажува нема да се помрднеме ни чекор, проблемите ги оставаме да ги решаваат децата.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Додека Софија напаѓа, Скопје молчи – вчерашната бугарска офанзива од три страни не е случајна
Единствена Македонија, како политичка партија која своето делување го темели на заштитата и одбраната на националните интереси, со особено внимание ги следи последните настапи на официјални претставници и институции од Бугарија, кои според партијата претставуваат координирана кампања насочена кон негирање на македонскиот народ, јазик и духовно наследство.
Во текот на вчерашниот ден, повеќе бугарски јавни личности и институции настапија со ставови кои, според Единствена Македонија, имаат заедничка цел и оспорување на посебноста на македонскиот национален идентитет.
Бугарскиот патријарх Даниил говореше за „еден народ“, што беше протолкувано како алузија на бугарскиот карактер на македонскиот народ. Во исто време, бугарскиот историчар и копретседавач на Заедничката македонско-бугарска историска комисија, Ангел Димитров, оцени дека Охридската архиепископија е директен континуитет на средновековната Бугарска патријаршија, со што, според партијата, се негира историската и духовна посебност на Македонската православна црква. Дополнително, бугарската европратеничка Рада Лајкова од Брисел изјави дека македонската нација е „фалсификат“, а македонскиот јазик „дијалект на бугарскиот“.
Според Единствена Македонија, станува збор за усогласено дејствување од повеќе центри во Бугарија, со цел вршење политички и идентитетски притисок врз Македонија.
Партијата смета дека македонските институции погрешно реагираат со молк на ваквите изјави и дека долгогодишната политика на дефанзива и воздржаност не дава резултати. Наместо тоа, се оценува дека државата треба поактивно да ги користи историските, културните и меѓународно-правните аргументи во одбрана на македонскиот идентитет и национални интереси.
Од Единствена Македонија посочуваат дека Македонија ги има сите аргументи на своја страна и дека е неопходно тие да бидат претставувани преку поофанзивна и поодлучна надворешна политика.
Воедно, партијата изразува жалење што во земјата сѐ почесто се сведочат политички конфликти меѓу власта и опозицијата, наместо заедничко дејствување по прашања од национален интерес. Според нив, ова не е битка на поединци или политички лидери, туку прашање што се однесува на иднината на македонската нација и држава, за кое е потребно национално единство и заеднички настап.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


