ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, сабота, 20 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, сабота 20 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче чека странска рака да го направи премиер, не македонскиот народ

Филипче со месеци испраќа сигнали и пораки во јавноста дека е подготвен на нова национална отстапка, што е уште една потврда дека СДС  и Филипче, би направилe се за да дојде на власт. Филипче размислува исто како Заев,  да потпише се што ќе му биде ставено на маса. Токму тие бланко-листови што ги потпишуваа додека беа на власт ја доведоа Македонија во позицијата во која се наоѓа денес. За Филипче не постои ниту една црвена линија, ниту за јазикот, ниту за идентитетот, ниту за кое било друго национално прашање. Со месеци му се додворуваше на Румен Радев, а без двоумење би потпишал и уставни измени со кои Бугарите би биле внесени во Уставот.

Иако тој тврди, дека македонскиот идентитет не е загрозен од бугарските ултиматуми, официјалните бугарски ставови се дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и дека македонските револуционери кои се бореле за независна Македонија биле Бугари.  Оттука е јасно дека на Филипче не му претставува проблем македонските револуционери да бидат прогласени за Бугари, затоа што очигледно нема ништо заедничко со нивните идеали и се залага за обезличена Македонија.

СДС дојде на власт со ветувања за европско здравство и економски просперитет, но ниту едно од тие ветувања не беше исполнето. Наместо тоа, додека беа на власт се луксузираа на грбот на народот. Тесниот круг околу СДС ги полнеше сопствените џебови, додека државата беше оставена да пропаѓа. И актуелното раководство на СДС и Филипче, ги следат скандали позади нив поврзани со јавни набавки, со купување медиуми, со надворешна политика базирана на тргување со националниот идентитет.

Поради ваквите ставови и политики, СДС неколкупати доживеа катастрофален пораз на неколку последователни избори во земјава.Филипче се бори за туѓи агенди и му се додворува на Радев затоа што нема поддршка од македонскиот народ. Македонските граѓани не се со кратка меморија и добро се сеќаваат како СДС, додека беше на власт, се пазареше со националните интереси. Затоа Филипче се обидува да дојде на власт преку прифаќање нова национална отстапка и потпишување нов бланко-лист.

СДСМ: Чекањето на границите со ЕУ е огледало на политиката на Мицкоски

Од денеска официјално почна примената на Шенгенскиот систем за влез и излез (EES) на границата со Грција. Граѓаните на Македонија кои сакаат да влезат во Европската унија сега ќе мора да чекаат со часови, да даваат биометриски податоци и да стојат во долги редици. Ова не е технички проблем. Ова е директна последица на политиката на изолација што ја спроведува Христијан Мицкоски и oрганизована криминална група ВМРО.

Мицкоски изјави дека Македонија ќе чека со децении за влез во Европската унија. Сега, благодарение на неговата политика, граѓаните ќе чекаат и со десетици часови само за да ја преминат границата и да влезат во ЕУ. Сезоната уште не е почната, а на границите веќе има хаос. Границите со ЕУ денес изгледаат точно како што изгледа и политиката на Мицкоски – затворени, изолирани и без перспектива.

Додека обичните граѓани, семејствата со деца и пензионерите ќе стојат со часови на граница, министрите, директорите на јавни претпријатија и пратениците од тендер коалиција веќе одамна имаат бугарски пасоши и без проблеми патуваат низ Европа. Тие не чекаат. Тие не се изолирани. Тие уживаат во сите придобивки на Европа, додека на граѓаните им порачуваат да не патуваат, туку да летуваат дома. Некои од нив ќе одат на море и со државниот авион, затоа што „ги болат колената“ а обичниот граѓанин нека седи дома, со празен паричник и празен фрижидер.

Организираната криминална група ВМРО не се грижи за граѓаните. Тие се грижат само за себе – за тендери, за државни авиони и за лични привилегии. Граѓаните се оставени сами да плаќаат цена за нивната политика на изолација и неуспех. Границите се само огледало. И она што го гледаме на нив е иста слика што ја имаме и во економијата, и во европскиот пат, и во секојдневниот живот – изолација, чекање и неисполнети ветувања.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Престанете со поделбите, што уште треба да им се случи на Македонија и Македонците за да видиме единство

Единствена Македонија со жалење констатира дека секојдневно продолжува погубната политика на непријателство меѓу водечките партии во власта и опозицијата.

Повикуваме меѓусебните обвинувања да престанат бидејќи во ова тешко време за Републиката е потребно сплотеност и единство по прашањата поврзани со националниот карактер и интересите на Македонците.

Апелираме на трпение до изборите каде ќе може жестоко да се расправаме за сите други теми кој каква економска, даночна, земјоделска, младинска, култура, спортска…политика ќе води.

Единствена Македонија бара усвојување на национален документ, подржан од сите политички партии во државата, во кој ќе бидат утврдени неколку клучни точки од национален интерес, за кои не би се водела политичка расправа. Отстапувањето од овие точки треба да се смета за национално предавство.

Што уште треба да им се случи на Македонија и Македонците за да дојде до домашно единство за националните интереси, дотолку повеќе ова не е битка на поединци и лидери, туку борба за нацијата и државата.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
Share This