ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, петок, 19 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Принтскрин

Политички преглед на денот, петок 19 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче надградена верзија на Заев кој потпиша бел лист хартија со Бугарија, слепо ги прифаќа сите бугарски диктати само за власт

Додека СДС беше на власт, Венко Филипче и Зоран Заев, жедни и лакоми за ден повеќе на власт, прифатија и потпишаа бланко бел лист хартија со Бугарија. СДС, Филипче и Заев ветуваа живот за сите, со богати граѓани, европско здравство и образование, модерна и просперитетна Македонија, а донесоа само криминал, уништување на се што е македонско и создадоа проблем таму каде што немаше.

Откако не исполнија ниту едно ветување, мислеа дека ако потпишат се што ќе им се даде, ако коленичат и ги гланцаат чевлите на некој европски бирократ тоа ќе им донесе победа на избори и така ќе останат на власт. Сега од опозиција Филипче е надградена верзија на тој владејачки СДС и слепо прифаќа се што доаѓа од Бугарија, повтоено во надеж дека некој друг, а не граѓаните со глас на избори, ќе го донесат на власт.

Желбата за власт толку го ослепила Филипче, што не гледа ништо пред себе и се спротивставува на државните интереси и согласен е на нови идентитетски отстапки и национални предавства. За Филипче нема црвени линии за идентитетот, јазикот, културата, историјата, тој би ги дал на Бугарија без око да му трепне, само за власт. Затоа се претвори во пиун на Радев и вели дека македонскиот национален идентитет не е загрозен од бугарските ултиматуми кои пак велат дека историјата ни е заедничка, јазикот дијалект на бугарскиот, а македонските револуционери кои се бореле за автономна и независна Македонија, Бугари.

Филипче, на власт во Македонија не те носат странски држави, туку македонските граѓани со гласање на избори и тие те испраќаат во длабока опозиција на маргините на политичката сцена, каде што и си. Наместо сојуз со туѓи држави и државници, потребна е коалиција со народот за одбрана и заштита на македонскиот национален идентитет. Нема пазарење со македонскиот идентитет, СДС, Филипче и Заев никогаш повеќе.

СДСМ: Извештајот на ЕП го посочува странското мешање во Македонија, руското, српско и кинеско влијание

Европскиот парламент во својот извештај за Македонија јасно и недвосмислено укажува на сериозни ризици од странско мешање и влијание кое директно го загрозува европскиот пат на државата. СДСМ навреме предупредуваше и гласно зборуваше за овие ризици а очигледно е дека ситуацијата е многу посериозна. Во извештајот се нагласуваат руските напори за проектирање влијание, кинеското економско и политичко влијание, како и растечките врски со Србија која спроведува илиберална агенда во регионот.

Европратениците изразуваат загриженост од регионалните наративи и влијанието на „српскиот свет“ кое е насочено против европската ориентација на Македонија. Ова не е прв пат Европскиот парламент да укажува на овие опасности. Но, ова е прв пат кога ваквите предупредувања доаѓаат во момент кога Владата на Христијан Мицкоски отворено ја копира политиката на Вучиќ и „српскиот свет“ и во реторика, и во наратив, и во политичкиот модел.

Додека Мицкоски и ВМРО секојдневно го туркаат антиевропскиот наратив, го навредуваат секој што се залага за ЕУ и ја блокираат европската иднина на граѓаните, Европскиот парламент јасно порачува дека странското мешање – руско, кинеско и преку регионални актери, станува сериозна закана за Македонија. Наместо да се бори против овие влијанија, Владата на Мицкоски активно учествува во нивното ширење. Наместо да ја зајакнува отпорноста на државата, ја слабее преку политички прогон, контрола на медиуми и откажување од реформи.

Европскиот парламент го кажа она што граѓаните го чувствуваат секој ден. Македонија е изложена на странско влијание, а Владата на Мицкоски не само што не го спречува, туку активно придонесува за него. СДСМ останува јасно и доследно на страната на европскиот пат, на владеењето на правото и на отпорноста од секое странско мешање – било тоа руско, кинеско или регионално. Граѓаните заслужуваат Македонија да биде дел од Европа, а не заложник на туѓи интереси и туѓи наративи.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: На Филипче му честитаме на рамнодушноста, но не му завидуваме на наивноста дека ќе се истурат милијарди од ЕУ ако ги прифатиме бугарските барања

Единствена Македонија изразува вчудоневиденост од вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој оцени дека земјата треба што поскоро да ги прифати бугарските барања и да продолжиме на патот на ЕУ, бидејќи ако не сме го фатиле како што вели Филипче последниот воз, нема да сме влегле во т.н. седумгодишно буџетирање од ЕУ и Македонија нема да преживее.

Го потсетуваме Филипче дека ова е стара приказна со силните пари од ЕУ во изминатите 30 години, а во реалноста состојбата е обратна.

Нека повели Филипче да го прибави и покаже изводот од буџетската сметка колку пари се легнати од ЕУ во изминатите 30 години. Силните европски пари се само слатки приказни посебно за Македонија кога постојано ни велат само бришете се што е македонско и ве чека рајот во Европската Унија.

Партијата оценува дека по падот на социјалистичкиот блок во 1990 година бил воспоставен економски однос во кој западноевропските држави имале значителна корист од земјите од Источна Европа. Во тој контекст, тврдат дека од Македонија во последните 30 години биле извлечени околу 5 милијарди евра, додека назад биле вратени средства преку различни програми и донации во висина од околу 400 милиони евра и тие им служат во наменската кампања на ЕУ да го замајуваат народот. Па така, од време на време ќе слушнеме како ЕУ изградила некој селски пат, школо, амбуланта, а еден дел од тие пари им служат за купување на домашните политичари-марионети кои потоа верно им служат и го дозволуваат и грабежот што го прават. Затоа, нашите политичари влегуваат во власта како најголеми голтари а кога ќе им истече мандатот излегуваат како најголеми капиталисти.

Далеку од паметот е да се мисли дека има на запад некои луди германци, холанѓани, швеѓани… кои ќе го полнат буџетот на ЕУ за да тие истураат тука силни милијарди во Македонија оти ептен се потресени да не направат среќни и весели. Ова е надвор од секаква човечка логика.

Филипче треба да знае дека Македонија и утре да стане членка на ЕУ пак ќе си биде исто. Доколку сами не си ја средиме внатре државата со чесни политичари кои ќе расчистат со грабежот и предавствата, нека биде уверен дека никој од надвор нема да не направи држава со добар стандард.

Доколку Филипче верува дека со влегувањето во ЕУ веднаш на границата со Табановце ќе се истурат милијарди евра од Брисел, може само да му честитаме на рамнодушноста, но, не му завидуваме на наивноста.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
Share This