ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, четврток, 18 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, четврток 18 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче повторно јасно и гласно застана против државните интереси, ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот ќе се бори за членство во ЕУ со достоинство и заштитен идентитет

Продолжената рака на Зоран Заев, кој верно му го чува претседателското столче во СДС, Венко Филипче повторно денес излезе на прес-конференција. Иако, можеби, за момент помисливме дека Филипче, сепак, ќе ги стави државните интереси пред личните и ќе ја прифати подадената рака за обединување и заеднички настап во борбата за одбрана и заштита на интересите на државата и националните идентитетски обележја, Венко како верен слуга и пиун на Румен Радев, веднаш не потврди дека се лажеме.

Венко Филипче уште еднаш, како многу пати до сега, потврди дека тој е најгласниот бугарски пратеник во Македонија за прифаќање и спроведување на нивните диктати и ултиматуми, на штета на македонскиот идентитет, јазик, култура, историја. Тоа што ни останува да му порачаме на Венко Филипче, нека си остане таму каде што е, во длабока опозиција на маргините на македонската политичка сцена, што со сигурност СДС ќе ја однесе и до целосно исчезнување.

Додека Филипче и СДС цврсто застануваат на страната на Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ силно се обединува со народот и граѓаните во одбрана на македонските интереси и националното достоинство. Местото на Македонија и на македонските граѓани е во Европската Унија и евроинтегративниот пат треба да се изоди достоинствено, без национални и идентитетски отстапки, базиран на реформи и Копенхашките критериуми.

Во однос на економијата, земјоделието и платите, Филипче и СДС може само да гледаат и да учат како се санира економскиот пустош кој тие го оставија за време на седумгодишното владеење, така што седум квартали по ред македонскиот БДП расте со три или над 3%. Во земјоделието за кое Филипче зборува, го потсетуваме дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ исплати заостанати субвенции од периодот на власт на СДС во висина од четири милијарди денари и неисплатени плати на вработените во ЈП Национални шуми и Водостопанство во висина од 350 милиони денари. Додека со СДС на власт земјоделците мака мачеа да ги продадат производите и да ги наплатат субвенциите, со ВМРО-ДПМНЕ на власт земјоделците редовно и навремено ги добиваат финансиските средства и така можат да го планираат и да го зголемат производството.

Така што, за прв пат после десет години во 2025-та година има зголемување на произведените количини на кравјото млеко за 2,7% во споредба со 2024-та година, зголемување има и во производство на овчото млеко за 4% повеќе во однос на 2024-та година. Зголемување има и во делот на производството на јајца, во произведените количини на свинско месо, количини кои целосно ги покриваат потребите на домашниот пазар, како и во производството на пченица, при што лани, за прв пат после многу години, се откупија над 300.000 тони пченица. И во однос на зголемувањето на платите СДС и Венко Филипче немаат што да кажат, затоа што од преземањето на власта се потпишаа повеќе колективни договори и се донесоа одлуки за покачување на платите на сите вработени во повеќе сектори, како образование, одбрана, здравство и така натаму, кои плати до крај на мандатот ќе се зголемат од 40 до 50%.

СДСМ: Не наседнувајте на истиот трик на Мицкоски од 2024 година

СДСМ апелираше граѓаните да не наседнуваат на истиот трик кој Мицкоски го користеше во 2024 година и лажната реторика. Апелираме граѓаните да не подлегнат повторно на неговиот трик, како пред две години. Да не подлегнат на овие националистички, популистички говори, полни со патриотизам, црвени линии, одбрана на браникот на идентитетот и така натаму, затоа што единствено нешто кон што оваа лажна реторика води е изолација и сиромаштија. Изолацијата значи застој за државата, а единствениот пат за подобра иднина на граѓаните е еврпскиот пат.

Единствениот пат е Европа. Апелираме сите да се приклучат кон фронтот за вистина и правда. Сите политички чинители, сите граѓански организации, интелектуалци, независни, разумни луѓе коишто знаат дека ова е лажен наратив и дека не води никаде. И дека се само една голема лага со цел да не се направи чекорот и да има реформи и правда тука, кај нас, и конечно да се интегрираме во Европа, таму каде што ни е местото. Вистинскиот напредок доаѓа преку членство во ЕУ.

Кога ќе бидеме рамноправна земја членка во Европската Унија, можеме многу од посилна позиција политичка од ова сега да прашаме Бугарија зошто не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Е така се бори за нацијата. Не случајно кажувам дека нацијата е пред колапс, а идентитетот е загрозен, затоа што ако останеме изолирани сега, ако го пропуштиме овој воз, ако утре ни каже Европската Унија дека нема да влеземе во седумгодишното буџетирање следно, затоа што буџетите се планираат за следните седум години, ќе ни останат само хоризонт-програмите и прекугранична соработка, ние со тоа не може да преживееме. Политиките на несигурност и изолација не се решение. Ако Мицкоски не е сигурен во себе и во својот идентитет и бара заштита, нему не му е местото да води држава.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Единствена Македонија до владините советници: Не знаете да ја искористите шансата од извештајот на ЕП, она што го гледате како пораз може да биде победа за Македонија

Извршниот комитет на Единствена Македонија расправаше за најновиот извештај на Европскиот парламент во Стразбур и со жалење констатира дека владините советници покажуваат недоволен капацитет во однос на клучните пораки содржани во вчера усвоениот Извештај за Македонија.

Во јавноста доминира оценката дека Извештајот е неповолен за Македонија, особено поради деловите во кои се бара исполнување на обврските поврзани со Договорот со Бугарија, Вториот протокол, работата на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања како и инсистирањето на на европски гаранции.

Но, токму овие точки, кои денес се претставуваат како неповолни, можат да бидат претворени во силен аргумент во корист на Македонија. ЕУ и Бугарија постојано се повикуваат на почитување на Договорот и механизмите што произлегуваат од него.

Токму затоа, Македонија има можност за финално поентирање во Брисел со несоборливи аргуметни токму во согласност со Договорот. Односно, македонските интереси да бидат застапени токму преку она што го бараат Бугарија и ЕУ и на што вчера ликуваа во Бугарија за нивна голема политичка победа и пораз за Македонија.

Македонија има можност да ја сврти ситуацијата во своја корист, но само доколку владините советници ги апсолвираат овие точки на вистински начин. Она што се смета за слабост во Извештајот може да стане најсилната позиција на Македонија. Аргументите постојат – потребно е знаење за нивно правилно користење.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
TAGS
Share This