НЕВИДЕН ГАФ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО Познат коментатор четири минути не знаел кој игра

Мурат Екрем Чинем четири минути ги мешал репрезентациите на Иран и Нов Зеланд, по што државната телевизија ТРТ го суспендираше и отвори внатрешна постапка.

НЕВИДЕН ГАФ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО Познат коментатор четири минути не знаел кој игра
Фото: Принтскрин

Голем скандал ја разбранува турската спортска јавност откако искусниот коментатор Мурат Екрем Чинем беше суспендиран од државната телевизија ТРТ по сериозни грешки за време на преносот од натпреварот меѓу Иран и Нов Зеланд на Светското првенство.

Чинем, кој со години важи за едно од најпознатите лица во турското спортско новинарство, уште на почетокот од натпреварот направил необичен пропуст. Во првите четири минути од преносот ги мешал двете репрезентации, не успевајќи да препознае кој тим настапува во кои дресови. Грешката ја забележал дури во петтата минута од средбата.

Иако натпреварот заврши нерешено (2:2), вниманието на јавноста беше насочено кон коментаторот и неговите пропусти. На социјалните мрежи следуваа бројни критики и негативни реакции од гледачите, кои побараа одговорност од телевизијата.

ТРТ експресно реагираше со официјално соопштение, оценувајќи ја грешката како неприфатлива и спротивна на професионалните стандарди на јавниот сервис.

„Им се извинуваме на нашите гледачи и на јавноста за оваа грешка. Стандардите на ТРТ во однос на искуството, стручноста и посветеноста на квалитетот не дозволуваат вакви пропусти“, соопштија од телевизијата.

Од ТРТ потврдија дека веднаш се преземени административни мерки и дека Чинем нема да учествува во преносите од Светското првенство сè додека не заврши внатрешната истрага.

Дополнително изненадување предизвика фактот што станува збор за коментатор со повеќе од три децении искуство. Мурат Екрем Чинем е дел од спортските преноси од 1997 година и во својата кариера коментирал бројни натпревари од највисоко ниво во фудбалот и кошарката.

Случајот отвори широка дебата во турските медиуми за професионалните стандарди во спортското новинарство, но и за притисокот со кој се соочуваат спортските коментатори за време на големите меѓународни натпреварувања.

CATEGORIES
Share This