ЗАПИШАНИ, ПА ИЗБРИШАНИ ОД МАГИСТЕРСКИ И ДОКТОРСКИ СТУДИИ – Што навистина се случува на Филозофскиот факултет
Студентите останаа без статус и бараат правна заштита, додека факултетот најавува враќање на уплатените средства и постапување по инспекциските решенија.

Десетина студенти биле незаконски запишани на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет иако не ги исполнувале потребните услови за упис. Неправилностите ги утврдил Државниот просветен инспекторат, кој донел решенија за поништување на уписите, а за случајот е информирано и Министерството за образование.
Министерката Весна Јаневска изјави дека чека конечен извештај од факултетот по истекот на рокот за постапување, по што ќе донесе и конечно решение. Таа потврди дека се констатирани нерегуларности, но нагласи дека тие се однесуваат на уписите на постдипломски и докторски студии, а не на додипломските програми.
Од Филозофскиот факултет, деканот Оливер Бакрески истакна дека контролата била побарана од самата институција и дека веќе се постапува по решението на инспекторатот. Според него, станува збор за студенти со завршени тригодишни стручни студии и едногодишни магистерски програми. Тој наведе дека бројот на засегнати студенти е меѓу седум и осум и увери дека средствата што ги уплатиле ќе им бидат вратени.
Бакрески додаде дека парите веќе почнуваат да се враќаат, а дел од налозите се потпишани. Според него, половина од студентите кои доставиле трансакциски сметки ќе ги добијат средствата во најскоро време.
Иако факултетот тврди дека постапува согласно законските решенија, дел од јавноста реагира дека студентите се ставени во неизвесна ситуација, без статус и со значителни финансиски загуби. Трошоците за магистерски студии се движат од 2.000 до 3.000 евра, додека за докторски студии достигнуваат и до 5.000-6.000 евра. Дел од студентите веќе побарале правна помош и најавуваат судски постапки.
