ДЕМОКРАТСКА КРИЗА ВО ЕУ Помалку работници, повеќе пензионери
До крајот на векот Европа ќе има значително помал удел на работоспособно население

Европа сè појасно се движи кон век во кој клучниот предизвик нема да биде економскиот раст, туку основното прашање: кој ќе работи, кој ќе плаќа даноци и како ќе се одржат пензиските и здравствените системи.
Според новите демографски проекции на Евростат, Европската Унија моментално има околу 451 милион жители (2025 година) и бележи благ раст. Сепак, тој тренд ќе трае само уште кратко и врвот се очекува во 2029 година, со околу 453,3 милиони жители, по што започнува долгорочен пад. До 2100 година, популацијата би можела да се намали на 398,8 милиони, што претставува пад од околу 11,7%.
Причината за оваа демографска промена е пред сè рекордно нискиот наталитет. Просечната стапка на фертилитет во Европа е околу 1,3 деца по жена, значително под нивото потребно за проста репродукција на населението. Во исто време, животниот век расте благодарение на медицинскиот напредок, па просечната возраст на населението постојано се зголемува. Медијанската возраст во ЕУ порасна од 39,6 години во 2005 на 44,9 години во 2025 година. Денес, околу 22% од населението е постаро од 65 години, а до крајот на векот се очекува секој шести граѓанин да има над 80 години.
Економски притисок: сè помалку работници, сè повеќе издржувани
Овие трендови носат сериозен економски и социјален притисок. До 2100 година, уделот на работоспособното население (20-64 години) се очекува да се намали од околу 58% на 50%. Тоа значи дека значително помал број работници ќе треба да издржуваат двојно поголем број пензионери.
Иако миграцијата со години делумно го ублажува недостигот на работна сила и околу 14 милиони луѓе во ЕУ живеат надвор од земјата на раѓање, сè построгите миграциски политики во многу држави го намалуваат овој „амортизер“ на демографскиот пад.
Нееднаква демографска слика во Европа
Демографската криза не ги погодува сите региони подеднакво. Поголемиот дел од населението на ЕУ е концентриран во пет големи држави: Германија, Франција, Италија, Шпанија и Полска.
Во последните децении, западноевропските земји бележат раст благодарение на економската привлечност и доселувањето. Луксембург има раст од речиси 48%, Малта околу 43%, а Франција и Шпанија значително го зголемија своето население.
Од друга страна, делови од Источна Европа се соочуваат со сериозен пад на населението: Латвија -17%, Бугарија -16%, Литванија -14%, Романија -11% и Хрватска -10%
Како илустрација за поширокиот тренд, Франција во 2025 година за првпат по Втората светска војна забележа повеќе починати отколку новородени. Оваа промена ја поттикна француската влада да зборува за потреба од „демографско преоружување“ и нови политики за поттикнување на раѓањата.
