МУЦУНСКИ ОД КИЕВ Со Украина сме во тешките времиња, ќе бидеме и во обновата
Шефот на македонската дипломатија во Киев ја потврди поддршката за територијалниот интегритет на Украина и најави учество во нејзината реконструкција.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска престојува во официјална посета на Украина, каде се сретна со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
На средбата главни теми биле продлабочувањето на политичкиот дијалог и билатералната соработка, унапредувањето на економските односи, европската перспектива на двете земји и актуелните безбедносни предизвици.
Особено внимание било посветено на можностите за учество на Северна Македонија во процесот на обновување и реконструкција на Украина.
Муцунски ја потврдил континуираната поддршка за Украина и ја нагласил потребата од почитување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.
„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила. А меѓународното право не може да биде прашање на избор кога неговото почитување не ни одговара“, порача Муцунски.
Тој нагласил дека безбедноста на Украина има пошироко значење за европската и трансатлантската безбедност, додавајќи дека американското лидерство и европската одговорност треба да дејствуваат заедно за создавање услови за траен мир.
„Кога разговорот повеќе нема да биде за одбрана и преживување, туку за обнова и просперитет, мојата држава има намера да биде тука не само како пријател кој стоел со Украина во тешките времиња, туку и како партнер во нејзиното закрепнување и реконструкција“, истакнал министерот.
Муцунски ја потврдил подготвеноста на Северна Македонија и понатаму да придонесува во меѓународните напори за поддршка на Украина, како и да се вклучи во нејзината повоена обнова. Во рамките на посетата, тој остварил средба и со првиот заменик-претседател на Врховната рада, Олександр Корниенко. Муцунски и Сибиха положиле цвеќе пред Ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина.
Двајцата министри ја потврдиле подготвеноста за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји.

