ОСТРА ИЗЈАВА ОД ИРАН Трамп денес се заканува, утре моли за договор
Американската администрација најавува рок од 60 дена за можен договор.

Иранската Исламска Република нема да се откаже од своите „црвени линии“, меѓу кои се правото на збогатување ураниум, управувањето со Хормутскиот теснец и укинувањето на санкциите, изјави шефот на парламентарниот комитет за национална безбедност и надворешна политика, Ебрахим Азизи.
Во објава на платформата X, Азизи го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќа спротивставени пораки.
„Трамп еден ден користи закани за да излезе од овој стратешки ќорсокак, а следниот ден повикува на договор“, напиша тој, пренесува новинската агенција Mehr.
Од друга страна, Трамп изјави дека Иран „преговара со последните сили“ и нагласи дека политичките случувања во САД нема да влијаат врз неговиот пристап кон евентуален договор за нуклеарната програма.
Висок претставник на американската администрација за CNN изјави дека нацрт-договорот предвидува рок од 60 дена за постигнување конечен договор меѓу страните.
Според него, потенцијалниот договор треба да гарантира дека Иран нема да развие нуклеарно оружје и би вклучувал ограничување или откажување од високо збогатениот ураниум.
