НОВ БРАН ПОСКАПУВАЊА Светските цени на храната скокнаа на највисоко ниво од 2022 година
ФАО регистрира раст кај сите главни категории производи, а шеќерот со најголем скок од 11,9 проценти.

Светските цени на храната продолжија да растат и во август, втор месец по ред, достигнувајќи го највисокото ниво од ноември 2022 година. Според најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), поскапување е регистрирано кај сите главни категории производи.
Индексот на цените на храната на ФАО (FFPI), кој ги следи месечните промени на цените на основните земјоделски производи на светските пазари, во август достигна 133,3 поени, што е зголемување од 1,9 проценти во однос на јули.
Најголем скок има кај шеќерот, чија цена порасна за дури 11,9 проценти, достигнувајќи 106,4 поени – највисоко ниво од јуни 2025 година.
Од ФАО предупредуваат дека расте загриженоста за глобалното снабдување со шеќер во сезоната 2026/27. Продолженото топло и суво време ги намалило очекувањата за приносите на шеќерната репка во Европската Унија, додека временските услови поврзани со феноменот Ел Нињо влијаат и врз производството во некои од клучните азиски земји производители.
Поскапуваат и млекото и житарките
Индексот на цените на млечните производи во август се зголемил за 2,3 проценти, достигнувајќи 119,2 поени, главно поради повисоките цени на млекото во прав и сирењето.
Цените на житарките пораснале за 2,2 проценти, со што индексот достигнал 116,3 поени – највисоко ниво од мај 2024 година.
На светските пазари поскапеле сите главни видови житарки. Пченицата пораснала за 2,6 проценти, пченката за 2,5 проценти, сиракот за 3,9 проценти, а јачменот за 2,6 проценти.
ФАО како причини ги посочува силната побарувачка, временските ризици во клучните производствени региони и неизвесноста околу извозните текови преку Црното Море.
Повисоки цени се регистрирани и кај месото, чиј индекс пораснал за 1 процент, на 127,9 поени. Поскапеле живиното, свинското и овчото месо.
Растот продолжува и кај растителните масла, чии цени се зголемиле за 0,6 проценти, достигнувајќи 196,9 поени – највисоко ниво од јуни 2022 година.
Повисоките цени на палминото и соиното масло, поттикнати од зголемената побарувачка за биодизел во Индонезија и САД, ги надминале поевтинувањата кај маслото од канола и сончоглед.
На годишно ниво, индексот на цените на храната на ФАО во август е 2,5 проценти повисок од истиот месец минатата година. Сепак, останува 16,8 проценти под рекордното ниво забележано во март 2022 година.

