ЦРНА КОАЛИЦИЈА ГО НАПАЃА БАЛКАНОТ Филипче со сериозно предупредување
Лидерот на СДСМ предупреди дека антиевропските и националистички структури стануваат сè поорганизирани, повикувајќи на регионално обединување на прогресивните сили во борбата за европската иднина на Западен Балкан.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја отвори меѓународната конференција „Скопска иницијатива“, во организација на СДСМ и Корчуланската висока политичка школа, испраќајќи порака за поголема регионална соработка меѓу прогресивните политички сили.
Во своето обраќање, Филипче оцени дека Западен Балкан се наоѓа пред историска можност за забрзување на европската интеграција, но предупреди дека процесот е загрозен од авторитарни, националистички и коруптивни структури.
„Скопската иницијатива е акција за зајакнување на регионалната соработка меѓу социјалдемократските и прогресивните партии во регионот“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека сегашната генерација има шанса да го заврши процесот на приклучување кон Европската Унија и да оствари стратешка цел кон која регионот тежнее со децении.
Според него, антиевропските сили денес се поорганизирани од кога било и активно работат на забавување или блокирање на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Филипче предупреди и на, како што рече, сè потесната поврзаност меѓу организираниот криминал, популизмот и националистичките структури кои се спротивставуваат на реформите и владеењето на правото.
Тој ги критикуваше и политичките актери кои јавно се спротивставуваат на европската интеграција, додека својата лична и деловна иднина ја поврзуваат со земјите-членки на ЕУ.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува регионот, Филипче предупреди и на подемот на антидемократски движења кои, според него, ги поткопуваат прогресивните и антифашистичките вредности.
Како одговор на овие закани, тој повика на создавање силна регионална прогресивна коалиција и поголемо единство меѓу политичките сили што ги поддржуваат европските вредности и демократските реформи.
Со ова обраќање, Филипче официјално ја прогласи конференцијата „Скопска иницијатива“ за отворена.


