БИТОЛА ВО ЕМОЦИИ – Еве што кажа Коњановски пред преполната публика на „СИ-ДО“
Емоционална вечер во која се споија генерации преку музиката.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, присуствуваше на свеченоста по повод 30-годишнината од детскиот музички фестивал „СИ-ДО“, нагласувајќи дека оваа манифестација претставува важен сегмент од културниот идентитет на градот и препознатлив симбол на детската музика во Македонија.
Тој истакна дека вечерта била исполнета со силни емоции, во која се испреплетиле минатото и сегашноста, а различни генерации се препознале во истите стихови, мелодии и чувства.
Коњановски посочи дека фестивалот „СИ-ДО“ веќе три децении успешно опстојува на музичката сцена и оставил значаен печат врз културниот живот на Битола.
„Детскиот фестивал ‘СИ-ДО’ е вистинска музичка ризница и амбасадор на нашиот град. Децата пораснаа, но песните останаа исти“, изјави градоначалникот.
Тој упати благодарност до организаторите и сите учесници кои низ годините придонеле за развојот на фестивалот и детската музика, нагласувајќи дека музиката нема граници и дека „СИ-ДО“ успешно ја претставува Битола и надвор од Македонија.
На крајот, Коњановски најави дека Општина Битола и во иднина ќе продолжи да го поддржува фестивалот и неговата мисија во развојот на детската песна и културната сцена во градот.
