ПОЧИНА ИРЕНА РАДОВАНОВИЌ – Долгогодишна новинарка во македонските медиуми

Радовановиќ зад себе остави богата новинарска кариера во повеќе редакции.

ПОЧИНА ИРЕНА РАДОВАНОВИЌ – Долгогодишна новинарка во македонските медиуми
Фото: Принтскрин

По долга и тешка болест, на 53-годишна возраст почина новинарката на МИА, Ирена Радовановиќ, една од препознатливите личности во македонското новинарство, особено во областа на внатрешната политика.

Новинарската кариера ја започнува во 1991 година во неделникот „Фокус“, каде работи до 2001 година. Потоа продолжува во „Вечер“ како новинар во внатрешно-политичката рубрика. Во 2004 година станува дел од редакцијата на „Нова Македонија“, а во 2006 и 2007 година работи во дневниот весник „Македонија денес“ и неделникот „Денес“. Нејзиното професионално искуство го надградува и во политичките неделници „Форум“, како и во весникот „Дневник“ и Радио „Слободна Македонија“.

Во 2014 година се приклучува на новинската агенција МИА, каде работи како новинар во внатрешно-политичката редакција и како новинар-аналитичар.

Со нејзината смрт, МИА и македонското новинарство загубија посветен и долгогодишен професионалец, кој ќе остане запаметен по својата работа и ангажман.

Како што напиша директорот на МИА, Дарко Јаневски, на Фејсбук: „Си замина нашата Ирена. Се боревме година и половина. Тешко, со болка, но и со надеж. Мала, но надеж. На крај се предаде.“

Погребот ќе се одржи утре на гробиштата во Радишани во 11:00 часот, а капелата е закажана во 10:30 часот.

CATEGORIES
Share This