МИСИЈА ВО МОСКВА – Фицо со порака од Зеленски до Путин, светот во исчекување
Државниот секретар на МНР на Словачка тврди дека Фицо ќе пренесе порака од Володимир Зеленски до Кремљ.

Словачкиот премиер Роберт Фицо најави дека за време на неговата посета на Москва на 9 мај ќе пренесе порака од украинскиот претседател Володимир Зеленски до руската страна.
Информацијата ја соопшти државниот секретар во словачкото Министерство за надворешни работи, Растислав Хованец, а ја пренесе и локалниот весник „Маркер“. Тој исто така изјави дека Фицо би можел да добие и дополнителни информации од рускиот претседател Владимир Путин во врска со напорите за завршување на војната во Украина.
Фицо претходно потврди дека на 9 мај ќе престојува во Москва по повод Денот на победата над фашизмот, каде планира да положи цвеќе на гробот на непознатиот војник од Црвената армија и да има кратка средба со Путин. Тој нагласи дека нема да присуствува на воената парада, туку ќе има ограничена и симболична програма.
Исто така истакна дека конфликтот меѓу Русија и Украина има „историски контекст“ и порача дека нема да подлегне на политички притисоци за промена на неговиот став, додавајќи дека нема намера да чувствува вина за своите позиции.
