АЛТА БАНКА ПРЕД СОБРАНИСКА ЛУПА – СДСМ бара одговори, ВМРО-ДПМНЕ реагира на зборот „измама“

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја прифати иницијативата за расправа за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, но пратениците се судрија околу формулацијата на темата.

АЛТА БАНКА ПРЕД СОБРАНИСКА ЛУПА – СДСМ бара одговори, ВМРО-ДПМНЕ реагира на зборот „измама“
Фото: Принтскрин

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска донесе одлука да се одржи надзорна расправа за случајот со Алта банка АД Битола, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Темата на расправата ќе биде: „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.

Сепак, пред да биде усвоен конечниот наслов, на седницата се отвори политичка расправа околу формулацијата „за измамата на граѓаните“, која првично беше дел од предлогот на СДСМ. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од насловот да се отстранат зборовите „за измамата на граѓаните“, со образложение дека не може однапред да се донесува заклучок за нешто што треба да биде предмет на надзорната расправа.

Пратеничката Дафина Стојаноска истакна дека Собранието не е суд и дека не може однапред да квалификува одреден случај како измама.

„Ние не сме тука суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека се работи за некаква измама на граѓаните. Така што, доколку се согласувате овие крајни три збора да се отстранат од предлогот на темата на вашата иницијатива, тогаш секако дека ќе ја поддржиме“, рече Стојаноска.

Нејзиниот сопартиец Бојан Стојаноски оцени дека случајот со Алта банка е различен од случајот со „Евростандард банка“, бидејќи, како што посочи, во овој случај нема судски процеси ниту обвинение. Тој предложи темата да гласи: „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.

Спасовски потсети на случајот со „Евростандард банка“

Од СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски рече дека е подготвен да се постигне договор за формулацијата на насловот, но потсети дека првичниот предлог бил преземен од иницијативата за надзорна расправа за „Евростандард банка“.

„Насловот е препишан од вашата иницијатива за поведување на надзорна расправа за ‘Евростандард банка’. Ако тогаш како опозиција сте биле суд, тогаш дозволете и ние да бидеме таков исти суд. Но, прифаќам да седнеме веднаш да го договориме насловот и да ја поминеме точката“, рече Спасовски.

Тој предложи членовите на Комисијата во најкраток можен рок да одржат координација и да ги утврдат деталите за расправата.

Покрај одлуката за одржување на надзорната расправа, беше изгласан и заклучок за што поскоро да се организира заедничка координација со членовите и заменик-членовите на Комисијата. На координацијата треба да се утврдат роковите, времетраењето и лицата кои ќе бидат повикани како сведоци на расправата.

Целта е да се разгледаат причините за воведувањето администрација во Алта банка, постапувањето на Народната банка и евентуалната институционална одговорност.

На истата седница, членовите на Комисијата дадоа поддршка и ги проследија на натамошна собраниска постапка два законски предлога:

  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити.

CATEGORIES
Share This