ИРАН МУ КАЖА НЕ НА ВАШИНГТОН И МОСКВА Нема да го предаде збогатениот ураниум
Техеран категорично ја отфрли можноста за пренесување на ураниумот збогатен до 60 проценти во трета земја, и покрај понудата на Русија да го прифати и да посредува во спорот со САД.

Иран нема да дозволи извоз на збогатен ураниум од својата територија, порача портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багеи.
Тој на прес-конференција ја отфрли можноста ураниумот збогатен до 60 проценти да биде пренесен во трета земја, нагласувајќи дека таква опција не била разгледувана ниту за време на преговорите во Доха.
Багеи додаде дека Техеран нема да се согласи на ваков чекор ниту како дел од евентуален договор со Соединетите Американски Држави, пренесува иранската агенција „Фарс“.
Изјавата доаѓа по понудата на Москва за посредување во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно соопшти дека Русија е подготвена да посредува меѓу двете земји, па дури и да го прифати иранскиот збогатен ураниум доколку неговото поседување стане спорно прашање во односите со САД.
Сепак, категоричниот став на Техеран покажува дека пренесувањето на нуклеарниот материјал во друга држава засега не е прифатлива опција за иранското раководство.

